Медицинска сестра во заедницата – законска регулатива и добри практики од Република Австрија
Денес во организација на Центарот за развој и едукација во соработка со организацијата ЛЕАДЕР Форум Регио 3 се одржа работилница “Медицинска сестра во заедницата – законска регулатива и добри практики од Република Австрија.
Работилницата ја отвори г-н Харалд Фугер – Аташе на Австриското Сојузно Министертсво за социјални политики, здравство, нега и заштита на потрошувачи кој ја презентираше поддршката на Република Австрија во воспоставување на социјални услуги во заедницата во нашата држава.
г-н Стефан Ниедермосер даде краток осврт на Проектот ТРАНСАКТ – Трансформирање на глобалните социјални предизвици во реални локални активности преку кој под менторство на австриски организации за прв пат во нашата држава ќе се пилотира услугата Медицинска сестра во заедницата со поддршка од Австриското Сојузно Министерство за социјални политики, здравство, нега и заштита на потрошувачи.
Предавачот – г-ѓа Алис Едмајер од „Gesundheit Österreich GmbH“, експерт и координатор на програмата „Заедничка нега во Австрија“ ја претстави законската регулатива во Република Австрија за услугата Медицинска сестра во заедницата, Компетенциите на медицинските сестри во заедницата во Австрија помеѓу различните засегнати страни, Системот за долгорочна нега во Австрија и улогата на медицинските сестри во заедницата во тој систем.
Преку проектот за прв пат во нашата држава, и во регионот ќе се пилотира услуга – Медицинска сестра во заедницата со цел добрите практики од ЕУ за осигурување на здравствена и социјална заштита на граѓаните, а особено на лицата во социјален ризик да се применат и кај нас.
Медицинска сестра во заедницата е социјална услуга што се фокусира на здравјето на населението со акцент на превенцијата и промоцијата на здравјето и адресирање на здравстевни проблеми во заедницата. Тоа е практика на промовирање и заштита на здравјето на поединците и семејствата, како и на групите и заедниците, преку примена на знаењата од медицинската наука, општествените науки и јавното здравје. Овој пристап вклучува застапување за поединци и семејства, групи и заедници и нивните здравствени грижи и проблеми, како и развој и планирање на мрежи во јавниот живот кои се однесуваат на прашањата за пристапот без бариери здравствени и социјални услуги.