За првпат во Прилеп успешно изведена лапароскопска операција на ингвинална хернија со TAPP техника
Во Општата болница со проширена дејност – Прилеп за првпат успешно е изведена лапароскопска операција на ингвинална хернија со TAPP техника – современа минимално инвазивна хируршка метода која овозможува значително помала постоперативна болка, пократок болнички престој и побрзо враќање на пациентите во секојдневниот живот.
Со воведувањето на оваа современа техника, пациентите од Прилеп и поширокиот регион отсега ќе можат да добијат врвен хируршки третман во својата матична болница, без потреба од упатување во клинички центри надвор од градот.
Иницијативата за воведување на TAPP техниката ја покрена д-р Златко Јаков, кој ја воспостави соработката со компанијата „Витаминка“ – Прилеп и го предводеше процесот на имплементација на методата во Хируршкото одделение.
Првата интервенција беше успешно реализирана благодарение на тимската работа на хирурзите д-р Златко Јаков и д-р Димитар Иваноски, анестезиологот д-р Маргарита Пирганоска, операционите сестри и целиот медицински персонал вклучен во оперативниот процес.
Современите лапароскопски инструменти беа обезбедени преку донација од „Витаминка“ – Прилеп, додека директорот на болницата, д-р Кире Јоноски, обезбеди потрошен материјал и сите неопходни услови новата техника веднаш да стане достапна за пациентите.
Овој успех претставува повеќе од прва успешно изведена интервенција – тој е значаен чекор кон модернизација на хируршките услуги во Прилеп и потврда дека со визија, соработка и посветен медицински кадар, современата медицина станува реалност и во локалните здравствени установи.



