За два дена 14.394 потписи за електронски нараквици за насилниците за сторителите на семејно и родово базирано насилство
За само два дена од започнувањето на петицијата, дури 14.394 граѓани ја потпишале иницијативата за итно воведување електронски нараквици за сторителите на семејно и родово базирано насилство. Со тоа значително е надмината првично поставената цел од 10.000 потписи, кои се бараат за покренување референдум.
Петицијата ја покрена пратеничката Моника Зајкова, односно Либерално-демократската партија (ЛДП), откако предлогот за воведување ваква превентивна мерка двапати не доби поддршка во Собранието.
Иницијативата предвидува насилниците да носат електронски нараквици преку кои жртвата ќе добива предупредување, а надлежните институции ќе бидат алармирани доколку сторителот се приближи поблиску од законски утврденото растојание. Целта е да се овозможи навремена реакција и да се спречи повторување на насилството.
Масовната поддршка за петицијата доаѓа во период на зголемен револт во јавноста по последните трагични случаи на насилство врз жени, меѓу кои и убиството на 17-годишната Билјана од Богданци. Според објавените информации, таа претходно пријавувала насилство и барала заштита.
Зајкова во својот повик до граѓаните упати остри критики кон институциите, барајќи конкретна одговорност, а не само декларативни осуди и дисциплински постапки по трагедиите.
„Не ни требаат институции што бројат жртви, туку институции што ги штитат живите“, порача пратеничката, барајќи да се утврди кој, кога и како постапувал по пријавите за насилство и дали имало институционални пропусти.
Прашањето за заштитата на жените беше во фокусот и на протестниот марш во Скопје, организиран од граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе!“, против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста.
Бројката од 14.394 потврдени потписи за само два дена испраќа силна порака дека граѓаните бараат конкретни механизми за заштита и поголема одговорност од институциите.
Иницијаторите бараат поддршката да продолжи, со цел да се изврши притисок за итно воведување на електронските нараквици како дополнителна мерка за заштита на жртвите од насилство.


