Во Преспанскиот регион се планира модерен Центар за складирање овошје
Главната тема на состанокот кој се одржа во Општина Ресен на кој присуствуваа министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, Градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски, претставници од општината, производители на овошје и земјоделски здруженија, беше изградбата на новиот Центар за складирање на овошје, кој би имал капацитет од 6,5 илјади тони.
Центарот, кој ќе се фокусира на складирање на јаболка, ќе биде важен дел од инфраструктурата која ќе ги поддржи локалните производители и ќе им овозможи поголема ефикасност во обработката и чувањето на нивните производи. Јаболкото, како еден од најважните земјоделски производи во регионот, ќе добие нова можност за поголема конкурентност на пазарот благодарение на модерната технологија што ќе биде имплементирана во објектот.
Изградбата на овој Центар е еден од клучните проекти за развој на Преспанскиот регион, кој ќе обезбеди долгорочна поддршка за јаболкопроизводителите.
Освен ова, на средбата беа разгледани и други предлози и идеи од страна на локалните производители, рибари и ловџии, кои беа активно вклучени во дискусијата. Нивните предлози за подобрување на условите и за поддршка на земјоделството, рибарството и ловството во регионот ќе бидат разгледани и вклучени во идните политики и програми за развој.
Овој проект за складирање овошје, заедно со другите предлози, ќе ја подобри економската слика на Преспанскиот регион, и ќе ги поддржи локалните заедници во нивните напори за поефикасно производство и поголем пазарен досег.