Вклучен хидроаларм за можни излевања и локални поплави

Управата за хидрометеоролошки работи денес издаде хидроаларм за можни излевања и локални поплави на 26 и 27 ноември, поради нови интензивни врнежи и веќе заситена почва. Ризикот од брзо надоаѓање на речните води се зголемува низ целата држава.

Според предупредувањето, централниот и источниот регион се најпогодени. Иако градот Скопје е стабилен, околните подрачја – Куманово, Крива Паланка, Кочани, Штип, Берово и Делчево – се ставени во зелена предупредувачка зона, што значи дека состојбата може нагло да се влоши доколку врнежите станат обилни.

Западна и југозападна Македонија, вклучувајќи ги Битола, Прилеп, Ресен, Охрид и Струга, моментално се во категорија со понизок ризик. Но УХМР укажува дека ниските делови покрај Вардар, Брегалница, Пчиња, Струмица и Радика треба внимателно да го следат нивото на вода, бидејќи овие речни текови најбрзо реагираат на нагли врнежи.

Од УХМР информираат дека речните сливови веќе покажуваат тенденција на раст, меѓу кои Вардар, Треска, Радика, Сатеска, Коселска, Пчиња и Струмица. Иако врнежите накратко стивнаа, земјата останува заситена со влага, што овозможува многу побрзо покачување на водостојот.

Надлежните предупредуваат дека при силен дожд може да дојде до локални излевања, активирање на помали реки и суводолници, како и појава на заезерени површини поради високи подземни води. Граѓаните, особено тие што живеат покрај реки, ниви и ниски терени, се повикуваат на зголемено внимание.

Слични Објави