Македонија бара да увезува отпад од ЕУ
Македонија е меѓу само 24 земји која изрази интерес за увоз на 18 видови на неопасен отпад од Европа, подготвувајќи се да стане дел од глобалниот систем за рециклирање. Листата на отпад кој може да се увезува вклучува метали (железо, алуминиум, олово, челик), хартија, стакло, како и отпадни масла и масти.
По 21 мај 2029 година, Европската унија ќе ограничи каков отпад може да се извезува во земји кои не се членки на ОЕЦД. Македонија, во друштво со Србија и Босна и Херцеговина, веќе го информирала Брисел за својата подготвеност. Министерството за животна средина ја достави листата до Европската комисија, која ќе треба да одлучи дали земјата има капацитет за еколошки безбедно управување со овој отпад.
Според последните податоци, Европа создава многу повеќе отпад отколку што може да рециклира. Според Европската комисија, просечно, секој жител на Европа генерира околу пет тони отпад годишно, но само 38% од него се рециклира. Повеќе од половина од отпадот од домаќинствата завршува на депонии, додека милиони тони пластичен и метален отпад се извезуваат во земји надвор од ЕУ, најчесто во Турција, Индија и Египет.
Дополнително, постои и прашањето за транспарентноста на целиот процес. Неопходно е целата постапка да биде транспарентна, за јавноста да има увид во тоа кој и каков отпад се увезува. Македонија се соочува со сериозен предизвик – дали увозот на неопасен отпад ќе донесе еколошки одржливо управување со ресурсите или ќе доведе до дополнително загадување и зголемени еколошки ризици? Европската комисија ќе го има последниот збор, но клучно ќе биде и како Владата ќе се справи со предизвиците во имплементацијата и контролата.