|

Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид без струја, греење и топла вода

Студентите кои престојуваат во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид од вчера се соочуваат со сериозни проблеми, откако во објектот беше прекинато снабдувањето со електрична енергија.



Според информациите што ги објави студентската платформа „Студентарија“ на Инстаграм, струјата во домот е исклучена вчера околу 10 часот наутро и прекинот важи за целиот објект, додека во околината снабдувањето е редовно. До овој момент нема официјално соопштение од надлежните институции за причините за прекинот, ниту кога ќе биде повторно воспоставено снабдувањето.

Студентите сведочат дека парното греење во домот не функционира веќе подолг период, поради што биле принудени да користат сопствени електрични греалки за да се стоплат. Со исклучувањето на струјата, и таа можност е укината, а студентите останале и без греење и без топла вода.

Неофицијално, меѓу студентите кружат информации дека струјата била исклучена поради неплатени сметки, но засега ова не е официјално потврдено.

Студентите бараат итна реакција од надлежните институции, бидејќи, како што велат, условите за живеење во домот станале неподносливи, особено во зимски услови.

Слични Објави