Витаминка ја започна ESG трансформацијата – нови стандарди за одговорно работење



Компанијата Витаминка официјално започна со имплементација на ESG (Environmental, Social, Governance) принципите, поставувајќи темели за долгорочна одржлива трансформација и модерно корпоративно управување. Процесот ќе се реализира преку современата VSME рамка за репортирање, која овозможува систематски пристап кон заштита на животната средина, унапредување на социјалните политики и зголемување на транспарентноста во работењето.

На информативната и консултативна средба што се одржа во просториите на компанијата, раководството и експертите за ESG ги претставија приоритетните области, очекувањата и придобивките од воведувањето на овој модел. На средбата беше нагласено дека станува збор за процес кој ќе влијае врз сите сегменти од работењето – од стратегиското планирање, до секојдневните операции и корпоративната култура.

Генералниот извршен директор на Витаминка, Сашо Наумоски, истакна дека воведувањето на ESG принципите претставува сериозна и суштинска промена. „Овој процес не е само административна процедура, туку длабинска трансформација на начинот на кој размислуваме, планираме и делуваме. ESG за нас претставува стратешки избор и израз на нашата посветеност на одговорно, транспарентно и современо управување. Целта е ESG вредностите да станат дел од секојдневието – од одлуките во менаџментот до идеите што доаѓаат од нашите вработени“, рече Наумоски, додавајќи дека со овој чекор компанијата ја зајакнува конкурентноста и придонесува за подобра иднина за сите.

ESG е глобално признат систем за мерење и управување со влијанието на компаниите врз животната средина, општеството и корпоративното управување, а неговата примена на Витаминка ѝ овозможува да постави јасни цели, да ги следи резултатите и да обезбеди повисок степен на отчетност кон сите засегнати страни. Компанијата планира постепена имплементација во период од три до пет години, со изработка на првиот ESG извештај до април 2026 година.

Во наредниот период, ќе се работи на неколку клучни приоритети: намалување на емисијата на CO₂, воведување енергетски ефикасни технологии, подобрување на управувањето со отпадот, како и оптимизација на транспортните процеси. Во доменот на социјалната одговорност, ќе се унапредат програмите за развој на човечки ресурси, инклузивноста и родовата еднаквост, а ќе се зајакне и партнерството со локалната заедница. На полето на корпоративното управување, фокусот ќе биде на етичко делување, подобрено управување со ризици и усогласување со европските регулативи за одржливо корпоративно работење.

Витаминка гледа на ESG како на долгорочен и системски процес што започнува одвнатре – со подигнување на свеста, подобрување на интерните процедури и градење корпоративна култура во која секоја одлука го зема предвид влијанието врз луѓето и планетата. Со оваа одлука, компанијата прави значаен чекор напред кон усогласување со европските и глобалните стандарди за одржливост и ја зацврстува позицијата како одговорен индустриски лидер.

Со континуирано вложување во квалитет, доверба и општествена одговорност, Витаминка продолжува да гради основа за поодржлива иднина за сегашните и идните генерации.

Слични Објави