Вечер на француски песни
На 26 јуни 2026 година (петок), со почеток во 19 часот, во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи концертот „Вечер на француски песни“, на кој ќе настапат сопранот Билјана Бајевска и пијанистката Јанинка Невчева.
Пред прилепската публика ќе биде претставена внимателно избрана програма составена од дела на истакнати француски композитори, меѓу кои Клод Дебиси, Морис Равел, Габриел Форе, Жил Масне, Лео Делиб и Камиј Сен-Санс. Концертот ќе започне со циклусот „Fêtes Galantes“ од Дебиси, по што ќе следуваат и други значајни вокални остварувања од француската музичка литература. Во вториот дел од програмата публиката ќе има можност да ги слушне и „Après un rêve“ од Форе, „Ouvre tes yeux bleus“ од Масне, „Chant de l’almée“ од Делиб и „Le cygne“ од Сен-Санс.
Сопранот Билјана Бајевска е дипломиран оперски пејач, која своето високо музичко образование го стекнала на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, во класата на доц. Жасмина Костова. Од 2007 година е вработена како хорист во Националната опера и балет во Скопје, а зад себе има бројни солистички настапи во рамки на оперски продукции, концертни манифестации и едукативни музички проекти.
Пијанистката Јанинка Невчева дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Борис Романов. Своето професионално усовршување го продолжила во Париз, каде работела со истакнатите француски пијанисти Мартин Жост и Клод Елфер. Во својата богата кариера настапувала во повеќе европски земји и учествувала на реномирани фестивали како „Скопско лето“, „Охридско лето“, Интерфест – Битола и „Хераклејски вечери“. Од 2006 година е ангажирана како корепетитор во Националната опера и балет, а има остварено и значајни соработки во областа на филмската и современата музика.
Концертот „Вечер на француски песни“ е поддржан од Министерството за култура и туризам и претставува можност љубителите на класичната музика да уживаат во богатството на француската вокална традиција, интерпретирана од две реномирани македонски уметници.
Влезот за концертот е слободен.


