Утре е Црн Свети Јован – Отсекување на главата на Св. Јован Крстител
Православните верници утре го одбележуваат големиот христијански празник кој не потсетува на страдањето на Свети Јован, кој е наречен уште и кум Божји. Овој ден во верскиот календар е обележан со црвени букви, а исто така се налага пост, без разлика на кој ден во неделата е.
Свети Јован Крстител или уште како се нарекува Св. Јован Претеча живеел во исто време кога и Исус и тој всушност го најавува неговото доаѓање. Јован уште пред Исус ги крштевал луѓето во реката Јордан и притоа им велел „Јас ве крштевам со вода, но ќе дојде друг кој ќе ве крсти со Дух“. Јован го крстил и Самиот Исус во реката Јордан
Отсекување на главата на Св. Јован Крстител — еден од големите 15 христијански празници од есенскиот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на на 11 септември . Овој празник е познат под различни имиња како:Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен, некаде едноставно само Отсечение или Опсечение. Поради значењето на овој светец црквата овој ден го прогласила за строг пост.
Значењето на Свети Јован Крстител, неговиот голем култ воопшто во христијанскиот свет оставил значајни траги и во традицијата на македонскиот народ. Па така, како и другите празници посветени на овој светител и овој ден се празнува со многу внимание, со домашни, селски или поголеми свечености, со заеднички гозби (ортии) и сл. Народот на овој празник држи строг пост, не јаде не само мрсно, туку и риба и масло. Останало забележано дека на овој ден луѓето не јаделе ни лубеница, домати, црвено грозје и други производи со црвена боја што потсетувале на крвта на светителот. Според фолклористот Марко Китевски, Св. Јован Крстител е значаен во народот и поради тоа што тој се поврзува со кумството и побратимството, бидејќи според народните преданија, кога светците ги делеле функциите, на Св. Јован му се паднале кумството и побратимството.
Во регионот на Велес овој празник се нарекува „Црн свети Јован“ и на него, како и низ сите денови од седмицата не се крое и шие никаква облека, бидејќи се сметало дека кој ќе ги облече ќе биде погоден од несреќи (ќе се намери).
Македонскиот православен верник отсекогаш копнеел да воспостави духовна врска со Бога и неговите светители преку изградбата на многубројни храмови и во духот на толеранција и соживот, од нивно име да ги дарува идните поколенија. За тоа сведочат и храмовите посветени и вдахновени токму на најголемиот пророк и проповедник на идното небесно царство-Св. Јован Крстител. Откако ќе влезете во овие храмови и присуствувате на некоја од литургиите, и внимателно ги слушате молитвите и песните кои се пеат за светецот, ќе почувствувате нешто длабоко, дека присуствувате на нешто многу големо, древно и исконско, и во вас ќе се разбуди копнежот за покајание, очистување, повторно раѓање, обновување, онака како што проповедал самиот пророк пред околу две илјади години.
Ете такво чувство за традицијата и љубовта кон Бога ја имал ктиторот на најголемиот наш духовен храм посветен на свети Јован Крстител-Бигорскиот, монахот Јован Дебранин. Во храмот се наоѓа чудотворната икона на св. Јован Крстител, за која се верува дека има моќ да исцелува и да помогне во секоја мака. Штом влезете во храмот, од десната страна ќе ве пречека смирениот и достоинствен лик на светецот во блескава, сребрена обвивка. Иконата, според манастирскиот поменик, сама дошла на местото каде што е сега манастирот, а неа ја пронашол монахот Јован како лебди над еден извор. Токму на тоа место, во 1020 година тој ја изградил првата манастирска црква. За кратко време манастирот прераснал во голем и значаен духовно-културен центар на овие простори станувајќи дом на многу испосници, кои трагале по мирно тихувалиште. Покрај другите свети мошти, во манастирот се наоѓа и дел од раката на Јован Крстител во посебен кивот, а иконостасот, генијално дело од македонските мајстори плени со сцени од неговиот живот.
Посетителот најнапред застанува или клекнува пред иконата, а свештенослужителот го става крајот на епитрахилот над неговата глава, додека ја чита молитвата. На брачните парови, кои дошле да се помолат за рожба, епитрахилот им се става околу нивните раце додека се држат еден за друг. По молитвата, посетителите ги бакнуваат: епитрахилот, раката на свештенослужителот и на крајот иконата. Постапката завршува со помазување со елеј од кандилото на св. Јован Крстител. Посетителите пијат и се мијат со светата вода од манастирскиот комплекс.