(видео)Учесниците на „Крушево низ корија“ мапираа диви депонии со QR-кодови
Рекреативци, велосипедисти, планинари и кампери кои учествуваа на 12. издание на манифестацијата „Крушево низ корија“, покрај уживањето во природата, годинава се вклучија и во акција за мапирање на диви депонии и потенцијални локации каде може да се појави отпад.
Иницијативата ја спроведе невладината ЛАГ „Агро Лидер“, која годинава се вклучи во организацијата на манифестацијата преку проектот „Локални акции, подобри услуги“.
Новина беше користењето на QR-код, кој учесниците го добиваа во своите стартни пакети. Преку негово скенирање, тие можеа да испратат фотографии од див отпад, диви депонии или места каде што потенцијално може да се создадат нови депонии.
„QR-кодот потребно е да се скенира и да се испратат сликите со цел да можеме да идентификуваме и да мапираме диви депонии, отпад или потенцијални диви депонии“, објаснува Даниела Цветаноска од ЛАГ „Агро Лидер“.
Акцијата има за цел да ги вклучи граѓаните директно во следењето на состојбата со отпадот во природата и да придонесе кон подобро управување со отпадот и заштита на животната средина.
Проектот опфаќа и мониторинг на програмите и буџетите на комуналните претпријатија во Прилеп и Кривогаштани, како и на општинските програми за справување со дивите депонии.
Од ЛАГ „Агро Лидер“ велат дека целта е преку активно учество да се зголеми свеста кај граѓаните и да се поттикне нивното поголемо учество во процесите на управување со отпадот.
Во заштитата на чистотата на животната средина, додаваат, важна улога имаат и општинските власти и комуналните претпријатија, но и граѓаните, спортистите, еколошките организации и љубителите на природата.
Проект: Локални акции, подобри услуги, финансиран од Меѓународната фонадација за изборни системи ИФЕС.



