Горивата повторно поскапуваат, вечерва редици пред бензинските

Зголемен број возачи вечерва се упатија кон бензинските пумпи, каде на повеќе локации се создадоа колони од автомобили. Причината е новото поскапување на горивата, кое стапува во сила од утре по полноќ.

Граѓаните се обидуваат навреме да ги наполнат резервоарите и да наточат гориво по старите цени, пред да започне примената на новите, повисоки максимални малопродажни цени.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која горивата во просек поскапуваат за 4,85 отсто, во однос на претходната одлука од 10 август.

Од 18 август во 00:01 часот, максималните цени ќе изнесуваат:

  • Еуросупер БС-95 – 91,50 денари за литар, што е поскапување од 4,50 денари;
  • Еуросупер БС-98 – 93,50 денари за литар, со зголемување од 4,50 денари;
  • Еуродизел БС (Д-Е V) – 98 денари за литар, односно 6,50 денари повеќе;
  • Екстра лесно масло (ЕЛ-1) – 98,50 денари за литар, со поскапување од 6 денари;
  • Мазут М-1 НС – 43,726 денари за килограм, со зголемување од 0,188 денари.

Новото поскапување доаѓа во услови на раст на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Според РКЕ, во однос на претходната пресметка, бензините поскапеле за 8,983 отсто, дизелот за 10,979 отсто, екстра лесното масло за 9,801 отсто, а мазутот за 0,871 отсто.

Во пресметката влијаело и движењето на курсот на денарот во однос на доларот, кој во изминатиот период бил понизок за 0,2247 отсто.

Од Комисијата информираат дека продолжува примената на намалените акцизи. Кај бензините Еуросупер БС-95 и БС-98 акцизата е намалена за 2 денари за литар, додека кај еуродизелот намалувањето изнесува 4 денари за литар.

Со новите цени, дизелот за првпат се искачува на 98 денари за литар, додека бензините се доближуваат до границата од 100 денари.

Од РКЕ појаснуваат дека утврдените цени се максимални, што значи дека трговците можат горивата да ги продаваат и по пониски цени.

Додека новите цени ќе важат од утре, вечерва дел од возачите решија да ја искористат последната можност да наполнат гориво по старите цени, што на некои бензински пумпи резултираше со подолги редици и зголемена гужва.

Слични Објави