Уапсен директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството Илија Стоилев

УАПСЕН ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ПОДДРШКА НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО ПОД СОМНЕЖ ЗА ЗЕМАЊЕ МИТО



Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, денеска е уапсен под сомнение за земање мито, во акција спроведена под раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Според информациите, Стоилев бил пријавен од апликант кој конкурирал за финансиска поддршка преку програмата ИПАРД. Тој, наводно, пријавил дека директорот побарал паричен надомест за да биде доделен договорот. По пријавата, МВР под надзор на обвинителството спровело контролирана операција во која биле употребени обележани банкноти, при што Стоилев бил фатен на дело при примање на парите.

Истражители од ОЈО ГОКК, заедно со единици на МВР и Управата за финансиска полиција, денеска извршиле претреси на повеќе локации поврзани со случајот.

Илија Стоилев е роден во 1967 година во Свети Николе. По образование е дипломиран земјоделски инженер, отсек сточарство. Работел како наставник во средно училиште во Свети Николе и како професор на Земјоделскиот факултет при УКИМ. Бил претседател на Советот на Општина Свети Николе во два мандата, директор на Народниот музеј во градот, како и раководител во подрачната единица на Министерството за земјоделство.

На функцијата директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој беше именуван во јули 2024 година.

Слични Објави