Светска недела на имунизација: Вакцините спасуваат животи и градат поздрава заедница
Денес, во централното градско подрачје, кај Градскиот саат во Прилеп, беше одбележан Денот на имунизација во рамки на Светска недела на имунизација.
Во рамки на Светска недела на имунизација, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп го одбележа Денот на имунизација со низа активности насочени кон подигнување на јавната свест за значењето на вакцините во заштитата на здравјето.
Од установата посочуваат дека имунизацијата претставува еден од најсигурните и најефикасните начини за превенција од заразни болести. Преку редовна вакцинација се намалува ризикот од ширење на инфекции, се штити здравјето на поединецот, но и се гради колективен имунитет кој е од клучно значење за заштита на најранливите категории граѓани – децата, постарите лица и хронично болните.
„Вакцините се едно од најголемите достигнувања во современата медицина. Тие не само што спасуваат животи, туку овозможуваат и подобар квалитет на живот за сите граѓани“, велат од болницата, потенцирајќи дека едукацијата и информирањето на населението остануваат врвен приоритет.
ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп ја нагласува својата континуирана заложба за унапредување на превентивната здравствена заштита, преку редовни кампањи, советувања и достапни здравствени услуги.
Со порака до јавноста, здравствените работници апелираат:
💙 Вакцинацијата е заштита.
💙 Вакцинацијата е одговорност.
💙 Вакцинацијата спасува животи.
Со вакви активности, Прилеп се приклучува кон глобалните напори за создавање поздрава, побезбедна и поотпорна заедница.



