Вработување на сите 124 здравствени работници кои со години работеа со договори на дело
Долгогодишниот проблем со здравствените работници ангажирани со договори на дело во Општата болница Прилеп конечно добива трајно решение. Болницата доби официјална согласност од Министерството за финансии за вработување на сите 124 лица кои досега работеа на ваков начин, а веќе од утре започнуваат да се објавуваат огласите за нивно систематизирано и редовно вработување.
Според информациите што ги сподели директорот на Општата болница со проширена дејност – Прилеп, д-р Кире Јоноски, станува збор за 21 доктор по општа медицина, 49 медицински сестри, како и технички и административен медицински кадар. Заедно со претходно вработените 8 специјализанти и докторите кои се трансферираа од приватниот во државниот здравствен систем, оваа година вкупно ќе бидат вработени 30 доктори во прилепската болница – бројка која, според Јоноски, претставува сериозен исчекор за оваа здравствена установа.
– „Добивме официјална согласност за вработување на сите 124 договорци. Огласите ќе се објавуваат етапно во следниот период, но постапката започнува веднаш. Заедно со претходно вработените 8 специјализанти и со докторите кои преминаа од приватно во државно здравство, само годинава ќе имаме 30 нововработени доктори. За една болница од нашиот ранг, тоа е значителна бројка. Покрај вложувањата во апаратура и техничка опрема, вложуваме во најважниот ресурс – кадарот. Со овие 30 доктори гледаме сигурна иднина на прилепското здравство. Можеби во моментов состојбата не е идеална, но гледаме реална перспектива“, изјави Јоноски.
Сепак, и покрај ова позитивно придвижување, сериозен предизвик останува дефицитот од специјалистички кадар. Речиси сите 10 одделенија на болницата имаат недостиг од специјалисти, а моментално тој проблем се ублажува со ангажирање на доктори специјалисти од други болници низ државата. Од менаџментот на болницата најавуваат дека токму решавањето на овој кадровски дефицит ќе биде следниот стратешки приоритет.
Директорот Јоноски потенцира дека ова масовно вработување е резултат на залагањата на болничкото раководство, поддршката од Владата и Министерството за здравство, но и одлучноста конечно да се реши статусот на долгогодишните договорци, кои досега работеа во несигурни услови и со нестабилен статус.
– „Кога ја презедовме болницата, затекнавме катастрофална состојба – и финансиски и кадровски. Болницата беше пред колапс. Денес, иако уште се бориме со сериозни предизвици, ова што го правиме е реална основа за подобро утре“, истакна директорот.
Со вработувањето на 124-те договорци, Прилепската болница добива значајно кадровско зајакнување. Работниците кои со години работеа без траен ангажман сега ќе добијат стабилни работни места, а граѓаните на Прилеп и пошироко ќе добијат поквалитетни и поорганизирани здравствени услуги.



