Св.Стефан – Каменуван зашто проповедал дека во Исус не веруваат само лошите луѓе.
На третиот ден од Божик, православната црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик бидејќи бил првиот што настрадал за Христовата вера. Во првите денови на христијанската општина во Ерусалим, Стефан бил избран за архиѓакон, предводник на седумте ѓакони што се грижеле за сиромашните, болните и вдовиците, делеле милостина и подароци на христијаните.
Стефан инспиративно сведочел за Христовото божество и за неговата вистина, но неговите противници – фарисеи и садукеи – го наклеветиле пред народот, тврдејќи дека ги навредува Мојсиевите закони. Тие го осудиле и го каменувале надвор од Ерусалим. Умирајќи, Стефан се молел: „Господе, не земај им го ова за грев“, покажувајќи исклучителна љубов и милосрдие дури и кон своите непријатели.
Еден од сведоците на неговото мачеништво бил младичот Савле, кој ја чувал облеката на оние што го каменувале Стефан. Савле подоцна станал светиот апостол Павле, еден од најголемите проповедници на христијанството.
Христијаните го погребале телото на Стефан, а неговиот култ е почитуван од почетокот на Христовата црква. Неговите мошти биле пронајдени и пренесени во Цариград за време на владеењето на Константин Велики, со што дополнително се зацврстил култот кон овој голем светител. Според преданието, животните што ја влечеле колата со моштите на Св. Стефан застанале на едно место и со човечки глас побарале таму да се изгради црква. На тоа место, царот Константин изградил храм посветен на првомаченикот Стефан.
Св. Стефан останува симбол на верата, храброста и прошката, достоен за голема почит во христијанството.
Честит именден на сите кои го носат името: Стефан, Стефанка, Стефанија, Фанија, Фанка, Стојан, Стојанка, Стојмен, Стоичко…