ССМ повикува на масовен протест на 28. Јануари
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, преку отворено писмо објавено на социјалните мрежи упати јавен повик до граѓаните масовно да се приклучат на протестот за повисоки плати, закажан за 28 јануари.
Трендафилов порачува дека протестот не е формалност ниту симболичен чин, туку директен одговор на, како што наведува, системското потценување и понижување на работниците од страна на власта и работодавачите.
Според него, работниците со ниските плати создаваат профит за газдите, додека политичките елити ги користат сиромашните граѓани како лесно управлив електорат. Во такви услови, додава Трендафилов, луѓето се принудени да ја напуштаат државата, а се отвора простор за нивна замена со поевтина работна сила од странство.
Во обраќањето тој реагира и на, како што вели, драстичното зголемување на платите на избраните и именуваните функционери, наведувајќи дека тие добиле по околу 250 евра плус, односно зголемување од 78 проценти, додека за работниците не се предвидуваат реални покачувања.
Трендафилов предупредува и дека владата не планира раст на минималната плата, ниту покачување на платите во јавниот сектор, а во пракса, според него, не се почитуваат ниту колективните договори, што ги принудува работниците своите права да ги бараат преку суд.
ССМ бара минималната плата да се зголеми на 600 евра, што би значело зголемување од најмалку 6.000 денари за работниците.
„Овој протест е за сите – и за оние што молчат и се плашат, и за оние што се под притисок од работодавачите. Со нашата борба ќе има повисоки плати и повисоки пензии за сите“, порачува Трендафилов.
Тој додава дека само со масовно присуство може да се изврши притисок врз власта и бизнис-заедницата и ги повикува граѓаните самите да се организираат и да излезат заедно со своите семејства, колеги и пријатели.
Протестот за повисоки плати ќе се одржи на 28 јануари.



