Превозниците од Македонија и регионот од денеска со блокада кон ЕУ
Македонските превозници заедно со колегите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина од денеска започнуваат блокада на товарниот сообраќај кон земјите од Европската Унија.
Протестот е насочен против новите правила во системот за влез и излез во земјите од Шенген-зоната, со кои се ограничува времето на престој на возачите. Превозниците предупредуваат дека овие измени сериозно ќе го отежнат меѓународниот транспорт, ќе ги зголемат трошоците за превоз и ќе доведат до поскапување на стоките.
Според нив, новите правила можат да имаат тешки последици врз економиите на земјите од Западен Балкан, бидејќи транспортниот сектор е еден од клучните столбови за извоз и снабдување.
Според најавите, блокадата ќе се спроведува исклучиво на коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено на сите гранични премини.
Превозниците најавуваат дека протестите ќе продолжат сè додека институциите на Европската Унија не ги разгледаат нивните барања и не се изнајде решение кое нема да го загрози функционирањето на транспортниот сектор.



