Повторно телефонска измама – Полицијата поднесе кривична пријава
СВР Битола, во координација со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против М.А. (46) од Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело „измама“ по член 247 од Кривичниот законик.
Според полицијата, на 11 ноември 2025 година, 72-годишна жителка на селото Буково била телефонски измамена од лице кое се претставило како полициски инспектор. Осомничениот ѝ соопштил лажна информација дека нејзината ќерка и зет предизвикале тешка сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за да се избегнат правни последици.
Под притисок и страв, жената оставила 40.000 денари и 1.500 американски долари на однапред договорена локација во Битола.
Откако сфатила дека станува збор за измама и дека не се случила никаква несреќа, случајот го пријавила во полиција.
По преземените мерки и активности, на 24 јануари 2026 година осомничениот бил лишен од слобода на граничниот премин Ќафасан, по што во целост го признал кривичното дело.
Полицијата продолжува со активности за целосно расчистување на случајот.
фото: МВР



