|

Скопје денеска одбележува 61 година од катастрофалниот земјотрес

61 година од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Скопје одбележува 61 година од катастрофалниот земјотрес, кој го разори градот. Земјотресот бил со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала и траел приближно 20 секунди. Бројот на загинати е проценет на 1.070, со над 4.000 повредени и повеќе од 200.000 лица без покрив над главата.

Во Скопје денеска со изложба и филмски проекции ќе биде одбележана 61 годишнината од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година.

Во Музејот на град Скопје вечерва во 20:30 часот ќе биде отворена изложбата „Културните институции во Скопје по земјотресот во 1963 година“. Автор на изложбата е Зоја Богдановска, кустос советник историчар во Музејот.

Во Кинотека на Македонија вечерва ќе бидат прикажани кратки македонски филмови посветени на скопскиот земјотрес. Проекциите почнуваат во 20.30 часот, а ќе бидат прикажани пет кратки филмови и тоа „Школите и универзитетот во скопската катастрофа“, „Писмо од Скопје“, „Проштевање“, „Скопје“ и „Катастрофа, страдања, надежи“.

Во сеќавање на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, вечерва во 21 часот во Музејот на современа уметност, во рамки на Летното кино под тремот, ќе биде прикажан експерименталниот документарен филм „Екран за Скопје“ (1988, 31′) на полската филмска режисерка, актерка и продуцентка Малгоржата Потоцка. Проекцијата е закажана за 21 часот, под отворено небо во Музејот.

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200 000 луѓе остана без покрив над главата.

Скопскиот земјотрес од 1963 година помогна да се премости јазот меѓу источниот и западниот блок за време на Студената војна. Скопје стана симбол на меѓународната солидарност и соработка.

По трагедијата на Скопје, Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат достава на храна, а Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарни организации од многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Обединетите нации презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град.

На 23 септември 1963 година, 35 земји побараа Генералното собрание на дневен ред да стави точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје по што на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

Фото – Википедија

Слични Објави