Први потврдени случаи на мајмунски сипаници во Македонија
Институтот за јавно здравје на Македонија, потврди дека се регистрирани првите два лабораториски потврдени случаи на monkeypox – мајмунски сипаници во земјата.
Од Институтот информираат дека двајца пациенти со симптоми слични на мајмунски сипаници биле упатени од Клиниката за кожни болести на тестирање, при што било укажано да се направат и дополнителни испитувања за ХИВ, сифилис и херпес.
„Институтот спроведе лабораториски испитувања на три различни начини, со што беа потврдени два позитивни случаи на monkeypox. По добивањето на резултатите, веднаш се реагираше со преземање соодветни мерки и информирање на надлежните институции – Министерството за здравство, Клиниката за кожни болести, Инфективната клиника и други“, стои во соопштението од ИЈЗ.
Согласно епидемиолошките протоколи, докторот кој ги примил пациентите ги известил за резултатите, по што следи епидемиолошко анкетирање од страна на стручни лица од Институтот.
Од Институтот апелираат дека нема простор за паника, бидејќи сите институции се мобилизирани и се преземаат навремени и соодветни мерки.
„Во тек е следење на состојбата на терен и преземање на сите превентивни мерки. Во текот на денов ќе бидат објавени подетални информации за јавноста“, информираат од ИЈЗ.
Мајмунските сипаници не се нова, ниту неконтролирана закана. Ситуацијата бара информираност и претпазливост, но не и паника. За повеќе информации, посетете ја веб страната на ИЈЗ – Информација од ИЈЗ за мајмунски сипаници (клиничка слика, начин на пренос и превентивни мерки)



