СЕ ФИНАЛИЗИРА ИЗГРАДБАТА НА НОВАТА ДЕТСКА ГРАДИНКА ВО ПОРАНЕШНАТА КАСАРНА
Изградбата на новата детска градинка во просторот на поранешната касарна на АРМ во Битола е при крај. Станува збор за инфраструктурен проекти за унапредување на грижата за децата во општината, со капацитет за згрижување на околу 250 деца.
Во 2021 година проектот започна со изведба на дренажен систем за заштита од високи подземни води, со што се обезбедува стабилност и трајност на објектот. За оваа фаза беа инвестирани 4.750.114 денари.
Првата фаза од изградбата опфати активности како што се земјени, бетонски, армирачки, ѕидарски, изолатерски, столарски и покривачки работи, вклучително и надворешно застаклување на објектот. За оваа фаза беа издвоени 43.437.192 денари.
Во моментов е во тек втората фаза од проектот, која предвидува изведба на градежно -занаетчиски работи, целосно уредување на внатрешноста, партерно уредување и оградување на локацијата. За целосно завршување на објектот планирани се 79.594.915 денари.
Градоначалникот Тони Коњановски нагласи дека во овој период, посебно е ставен акцент на контролите во градинките и училиштата, со цел зголемување на безбедноста и континуираната грижа за најмладите, во заедничка соработка и консултација со Дирекцијата за заштита и спасување, по што се преземаат соодветни мерки во насока на издадените препораки, за дислокација на училници.