17 мај 1395, загинал Крали Марко – Историски и митски јунак
На денешен ден, 17 мај 1395 година, загина еден од најопеаните јунаци во балканското народно творештво – Крали Марко. За овој историски лик, постојат бројни легенди, но многу малку потврдени историски податоци.
Иако неговиот живот е обвиен со митови, влијанието на Крали Марко врз народната традиција е толку длабоко вкоренето, што речиси и да нема место во Македонија кое не носи име поврзано со него: Марков камен, Маркова нога, Марков манастир – сè до Прилеп, градот што бил негова престолнина.
Крали Марко, син на кралот Волкашин и кралицата Евросима, е роден околу 1335 година. По смртта на неговиот татко во битката на реката Марица во 1371 година, Марко ја презема власта над областите околу Прилеп, Скопје и Призрен.
За потеклото на фамилијата Мрњавчевиќ нема сигурни сознанија, бидејќи современите пишувани извори не даваат податоци за тоа. Најстари податоци за ова семејство дал дубровничкиот писател Мавро Орбини од XVII век. Според него, тие потекнувале од Ливно, во Херцеговина, од сиромашниот владетел Мрњава, кого царот Душан (1346-1355) го повикал на својот двор и многу го издигнал. Врз основа на ваквото пишување на Орбини прифатено е презимето Мрњавчевиќ за оваа фамилија и како такво одамна е востановено во литературата.
Постојат различни претпоставки за годината во која кралот Марко станал турски вазал. Некои сметаат дека тоа се случило во 1371 г., веднаш по Маричката битка, но постојат записи кои кажуваат за турските опсади на Прилеп и Битола во 1385 год., што го дефинира Mарковото кралство како независна територија во однос на турската држава.
На 17 мај 1395 год. во Битката кај Ровине, застанувајќи на страната на турскиот султан Бајазит и борејќи се против влашкиот војвода Јован Мирче, Кралот Марко загинал и има низа шпекулации каде бил погребан. Според Мавро Орбини, Крале Марко ја загубил битката против Мирче крај Кралево, а потоа побегнал во некоја шума каде, по грешка, бил убиен од некој Влав кој мислел дека се работи за ѕвер. Неговото тело било закопано во близина на Скопје, во манастирот Блачани. Други научници веруваат дека мермерната плоча од ѕидот на трпезаријата во Марков манастир зборува дека неговиот гроб се наоѓа токму на ова место. Ниту една од овие теории не е потврдена од науката. Преданието вели дека непосредно пред битката, на деспотот на кумановско-кратовската област Константин Дејанов (Константин Драгаш), кој исто така се борел на страната на Османлиите и загинал во битката, Марко му ги кажал следниве зборови: „Го молам Бога да им помогне на христијаните, а јас прв да загинам во таа борба“. Со неговата смрт завршува и последното значајно самостојно словенско кралство на Балканот.
Иако се знае дека Марко бил женет за Елена и подоцна за Теодора, не постојат сигурни податоци дали имал деца. Неговото семејство броело тројца браќа – Андреаш, Иваниш и Димитри – и неколку сестри.
Во народната епска поезија, Крали Марко е прикажан како јунак со натчовечка сила. Легендите велат дека уште како дете му ги скршил коските на татка си, а неговиот верен коњ Шарец „скокал од планина на планина“.
Релјеф со Крале Марко на портата „Македонија“ во Скопје.
Крале Марко е најголемиот јунак и единствениот довршен лик во народното творештво на Јужните Словени за него, постојат голем број легенди и преданија, а тој е најопеаниот јунак во народната епска поезија. Песните за него најпрвин се појавиле во Прилеп и во неговата околина, а потоа се прошириле и на другите поблиски и подалечни територии. Притоа, описот на Крале Марко во народното творештво често драстично се разликува од историските факти. На пример, во една песна се споменува дека учел кај попот Неделко во Призрен и дека му бил писар на царот Душан. Во друга песна се вели дека бил присутен на бојното поле непосредно по завршувањето на Косовската битка. во песната „Марко пие на Рамазан вино“, тој му се спротивставува на султанот Сулејман (владеел по смртта на Марко). Во друга песна се споменува дека Марко бил три години затворен во Истанбул и дека во младоста го убил својот брат Андријаш. Најпосле, според народната песна, Марко умрел крај морето, на Урвина планина, откако живеел 300 години, од кои со Шарец се дружел 160 години. Притоа, тој не умрел на бојното поле, туку во еден бунар го видел својот лик, а потоа го убил Шарец, ги скршил сабјата и копјето, го фрлил боздоганот во морето, напишал писмо и легнал да умре. Една недела подоцна, тука поминал игуменот Васо кој го зел мртвото тело на Марко и го закопал во црквата Хиландар, на Света Гора.
Научно гледано, Кралот Марко е синкретски лик создаден од историскиот лик, кој е контаминиран со „Марко пијаницата“ – дамнешен народен лик, со локални карактристики кај сите Јужнословенски народи, кој бил правичен, грешен, храбар, мераклија, а можат да се најдат уште многу негови различни карактеристики во народните песни ширум Балканот.
Гледајќи го од денешна гледна точка овој историски и народен лик, лесно можеме да бидеме збунети од многуте негови несводливи, па и контрадикторни карактеристики, но такво е народното творештво и секогаш ги одразува реалните односи во социумот во дадени моменти, но исто така и идеалот и претставите што значи херој. Во тој контекст, ликот на овој контаминиран лик е обогатуван со нови и нови содржини, а малку од нив се запишани и живи денес.
Како и да е, овој народен и историски лик е денес уште жив и корисен како бренд, кој може да има богата иднина.



