Две нови дигитални услуги на МВР достапни преку националниот портал Uslugi.gov.mk
Соработката помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Министерството за внатрешни работи доведе до тоа две нови услуги да бидат достапни за граѓаните електронски на Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk.
Од Министерството за дигитална трансформација објаснуваат дека станува збор за многу користени потврди за моторни возила кои се употребуваат во прометот:
- Потврда за моментална сопственост на моторни возила за физички лица
- Потврда за поседување на моторни возила за одреден временски период за физички лица (историјат за возило)
Овие две услуги се достапни во електронска форма и можат да се користат во правниот промет. Покрај достапноста преку порталот, тие се можни и за подигање во центрите за услуги на Министерството за дигитална трансформација во Скопје (Центар), Аеродром, Куманово, Тетово, Јегуновце, Битола, Охрид и Штип.
Дигитализацијата на овие услуги е значаен чекор напред во насока на зголемување на транспарентноста и ефикасноста на институциите. Со нивното дигитализирање, граѓаните добиваат поефикасна услуга, јасен увид во постапките, што ја намалува можноста за злоупотреби и ја зајакнува довербата во јавната администрација.
Ова е уште еден пример за успешна меѓуинституционална соработка, каде податоците од Министерството за внатрешни работи се интегрираат преку платформата за интероперабилност со Националниот портал управуван од Министерството за дигитална трансформација. Оваа заедничка работа овозможува унапредување на јавните услуги, кои сега се поедноставни, побрзи и по-транспарентни за сите граѓани.
Соработката со Министерството за внатрешни работи продолжува и во иднина, а нови услуги по електронски пат се очекуваат наскоро. Министерството за дигитална трансформација останува посветено на проширување на оваа соработка со други институции, со цел да се создаде дигитализирана држава која ќе работи ефикасно, отворено и во служба на секој граѓанин.
🔵 Потврда за моментална сопственост за возила за физички лица
🔵 Потврда за поседување на моторни возила за одреден временски период за физички лица
Со ова, МВР овозможува побрз и поедноставен пристап до документи што досега се издаваа исклучиво преку шалтерски услуги. Новите услуги се дел од пошироката заложба на Министерството за целосна дигитализација на административните постапки, со цел подобрување на ефикасноста и достапноста за граѓаните.
Од Министерството информираат дека дигитализацијата останува стратешки приоритет, со тенденција во наредниот период да бидат достапни уште повеќе услуги на електронски начин.