МАКЕДОНИЈА 2026: УБИСТВО, ЗАСТРЕЛАНО ДЕТЕ, ТЕШКО ПОВРЕДЕНО ЛИЦЕ…
Новата 2026 година дежурните лекарски екипи ја дочекаа со зголемен обем на работа, со повеќе интервенции во споредба со минатите години. Најчести биле повреди предизвикани од пиротехника, интоксикации со алкохол, како и повреди при пад од висина.
На Одделението за токсикологија, во првите 12 часа од новата година, биле примени 31 пациент со симптоми на интоксикација. На околу 20 пациенти со лесни повреди им била укажана медицинска помош.
Како најтежок случај, лекарите примиле двегодишно дете без познати лични податоци, кое е хоспитализирано на одделението за интензивна нега и се наоѓа во животна опасност.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, новогодишната ноќ на ниво на држава ја оцени како генерално мирна, но со изолирани сериозни инциденти. Меѓу нив се убиство со нож на турски државјанин во Старата чаршија, тешко повредено лице – исто така државјанин на Турција, седум лица повредени од пиротехника, како и самоповредување со ловна пушка.
Во пресрет на новогодишната ноќ биле регистрирани 31 кривично дело, најчесто за нарушување на јавниот ред и мир, како и за нелегална трговија со наркотични средства.
Во однос на намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди, Тошковски истакна дека тоа е резултат на проектот „Безбеден град“, при што упати апел до пратениците да го изгласаат Законот за прекршоци, со цел системот целосно да профункционира од наредниот месец.
И покрај апелите од надлежните институции, дел од граѓаните ја прославија Новата година со употреба на пиротехника, при што беа забележани огномети и одекнување од петарди.



