|

„Марш на ангелите“ во Кочани – родителите на жртвите бараат правда и одговорност

Родителите на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска го одржаа 29. „Марш на ангелите“, барајќи вистина и правда за трагедијата во која животите ги загубија 63 млади луѓе, а беа повредени повеќе од 200.



Со фотографии и транспаренти во раце, семејствата со болка и револт поминаа по кочанските улици и пред Обвинителството упатија апел за реакција по доказите што ги доставиле пред три недели – видеа и фотографии кои, како што велат, јасно покажуваат прекршување на мерките на претпазливост од страна на осомничените.

„Нашите деца немаат глас, ние зборуваме наместо нив. Ако институциите и понатаму молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во правдата,“ рече мајка на едно од починатите деца.

Родителите поставија рок од една недела за конкретен одговор од Обвинителството, најавувајќи дека во спротивно ќе ги интензивираат своите активности со нови маршеви и јавни собири.

Судењето за пожарот е закажано за 19 ноември во 9:30 часот, во судницата во КПУ „Идризово“, а предметот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.

Слични Објави