|

Седум медали за Македонија во Сплит, еден и за Прилеп – Мартин Ристевски со бронза во пинг-понг

Седум медали за Македонија во Сплит, еден и за Прилеп: Мартин Ристевски со бронза во пинг-понг

Младите прилепски спортисти кои го претставуваа Прилеп на меѓународната завршница на Спортските игри за млади во Сплит 2026 денеска беа примени во Општина Прилеп, каде им беа доделени признанија за учеството, спортскиот дух и постигнатите успеси.

Прилеп на завршницата во Сплит го претставуваа ученици од ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Кочо Рацин“, ООУ „Рампо Левката“ и ООУ „Климент Охридски“, кои се натпреваруваа во фудбал, одбојка на песок, пинг-понг, шах, тенис и атлетика.

Од Општина Прилеп истакнаа дека ваквите натпреварувања се значајни не само поради резултатите и медалите, туку и поради искуствата, дружењето и можноста младите да се запознаат и натпреваруваат со свои врсници од регионот и пошироко.

Признанијата се доделени како знак на благодарност за трудот и ангажманот на младите спортисти, како и на нивните ментори кои ги поддржуваат и насочуваат во нивниот спортски развој.

Медал освои и екипата на „Ролинг“ од Струмица, која го освои третото место во баскет 3х3. Струмичани покажаа одлични кошаркарски вештини и со своите настапи потврдија дека се одлични „баскетџии“. На теренот беше исклучително возбудливо, а младите кошаркари покажаа и атрактивни потези кои потсетуваа на најдобрите баскет сцени. И во оваа дисциплина, во преден план беа спортскиот дух и фер-плејот.

Уште пред заминувањето за Сплит беше јасно дека Македонија има сериозни адути во шахот, а тоа се потврди и на меѓународната завршница.

Во женска конкуренција, Илијана Велева од Свети Николе освои сребрен медал, додека во машка конкуренција Давид Атанасовски од Гази Баба исто така се закити со сребро.

Секој потег беше внимателно осмислен, секоја партија носеше нова неизвесност, а секоја победа беше заслужена со знаење, смиреност и спортски дух. Младите натпреварувачи уште еднаш докажаа дека шахот создава шампиони не само на таблата, туку и во животот.

Македонските „симовци“ продолжија со одличните настапи и во пинг-понг. Јован Пармачки од Берово го освои второто место во машка конкуренција и заслужено се закити со сребрен медал.

Бронзен медал освои и Мартин Ристевски од Прилеп, кој заврши на третото место во машка конкуренција во пинг-понг. За младиот прилепски спортист ова е значаен успех и одлично признание за неговиот труд, посветеност и спортски талент.

Мартин е ученик во ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп, а од 1 септември продолжува во средно образование. Неговиот бронзен медал во Сплит е особено значаен и за Прилеп, кој преку својот млад спортист доби уште едно убаво спортско признание на меѓународната сцена.

Во женска конкуренција, Бојана Јовевска од Пехчево го освои третото место и бронзениот медал.

Вредно е да се напомене дека Томи Јакимовски доби признание за фер-плеј на тенискиот турнир, уште една потврда дека на овие игри, покрај резултатите, особено се вреднуваат спортскиот дух, почитта и фер односот кон противниците.

Со вкупно седум освоени медали – три сребрени и четири бронзени, Македонија ја завршува својата прва меѓународна сезона на Плазма Спортските игри за млади со одличен резултат и уште една потврда дека младите македонски спортисти имаат што да покажат на меѓународната сцена.

Големото финале на Плазма Спортските игри за млади е предвидено за вечерва во Сплит, а се очекува на теренот да се појават и бројните најавени спортски ѕвезди и гости, со што ќе биде ставена завршната точка на големиот спортски спектакл.

Слични Објави