Отпадот од кетеринг услугите ја нагрдува околината кај Вештачкото Езеро – Свеста е првиот чекор, но без санкции нема одговорност
Загадувањето на јавните површини не е само комунален проблем, туку прашање на свест, одговорност и почитување на правилата. Особено кога станува збор за деловни субјекти кои создаваат отпад како дел од својата дејност, неопходно е да постои јасна одговорност – но и соодветни санкции за оние кои не ги почитуваат правилата.
Свеста и освестувањето се првиот чекор, но таму каде што нема одговорност, мора да има и санкции. Ова повторно го отвора случајот со несоодветно одложениот отпад кај Вештачкото Езеро во Прилеп, на кој денеска укажува ЈКП „Комуналец“.
Од претпријатието објавија фотографии на кои се гледа расфрлан отпад околу контејнерите, а причината, како што наведуваат, е несоодветното оставање на отпадот од кетеринг услугите.
Несоодветно одложен отпад повторно ја наруши сликата кај Вештачкото Езеро во Прилеп. На проблемот денеска укажа ЈКП „Комуналец“, објавувајќи фотографии од расфрлан отпад покрај контејнерите.
Како што наведуваат од претпријатието, станува збор за отпад од кетеринг услуги, кој се собира во црни најлонски вреќи и се остава покрај контејнерите. Поради миризбата на храна, вреќите ги растргнуваат кучиња, а отпадот завршува расфрлан околу контејнерите.
Најголем дел од отпадот, според „Комуналец“, е ПЕТ амбалажа и картонски кутии кои се за рециклирање. Присутни се и хартија, целофан, најлон, фолија и друг отпад, од кој дел поради примеси од храна не е погоден за рециклирање.
Од ЈКП „Комуналец“ посочуваат дека само мал дел од вилите за прослави самостојно побарале да им се подига отпадот. Некои, пак, по нивно инсистирање, се вклучиле во процесот на собирање на мешан комунален отпад и отпад за рециклирање.
Сепак, остануваат и случаи во кои деловни субјекти создаваат отпад, но не дозволуваат пристап до објектите, со што, како што наведуваат од „Комуналец“, се нанесува штета на околината.
Случајот уште еднаш покажува дека правилното постапување со отпадот зависи и од свеста и одговорноста на оние кои го создаваат.
Од „Комуналец“ информираат дека комплексот „Езеро“ денес е комплетно чист.
Прашањето останува:
До кога?
Секој отпад има свое место.


