ПРИЛЕПСКИ ТЕАТАР СО НОВА ПРЕМИЕРА ВО ПЕТОК
Петок 6. Декември, 20 часот, во Народниот Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, премиерно ќе биде одиграна претставата „По име Господин“ на Филип Лоле, во режија на Борис Василески.
Во претставата играат: Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Дарко Карбески и Наталија Ристеска.
Преводот е на Лидија Митоска – Ѓорѓиевска која е и драматург на претставата. Сценографијата е на Ненад Тонкин, костимите се дело на Марта Дојчиновска, а музиката на Томе Темелкоски. Дизајн на постер Илина Василеска и дизајна светло Бобан Смилкоски.
Идејата да се отфрлат општествените правила и да се живее живот надвор од капиталистичките и потрошувачки рамки – и тоа денес, во Западниот свет – тоа, за волја на вистината, се граничи со апсурд. Но за Господин, апсурдни и бесмислени се бесконечните наметнати потреби и норми на денешното живеење кои ги трошат и ги обезвреднуваат нашите животи. Преку глава му е од сѐ, па решава да се ослободи, да живее едноставно и да достигне апсолутна индивидуална слобода и независност, надвор од „капиталистичката работничка мелница“. Ниту прифаќа да работи, ниту да користи пари. Неговата идеја е радикална, но тој не гледа друга можност за себе. За да се издржува, во подрумот сместува еден необичен придружник – лама, која му помага да се одржува во живот без да се предаде на бескрупулозното секојдневие и материјализмот.
Ова е втора претстава на младиот режисер после дебито со комедијата „Стапица за глувци“.