Жените претприемачи на средба со Општина Битола – поддршка за нови иницијативи
Претставнички од Советот за женско претприемништво остварија официјална средба во просториите на Општина Битола, каде со градоначалникот и претставници од општинската администрација разговараа за реализираните и идните активности насочени кон унапредување на женската деловна иницијатива.
Ана Ристевска, претседателка на Советот, и потпретседателката Моника Марковска, презентираа дел од активностите што Советот ги реализираше во изминатиот период – едукативни обуки, настани, конференции и програми за вмрежување кои ги опфатија жените од различни сектори и возрасни групи.
Преку овие активности, Советот придонесува кон подигнување на свеста за значењето на женското учество во економијата, унапредување на менаџерските вештини и стимулирање на локалниот претприемачки дух. Бројни настани организирани од Советот веќе предизвикаа интерес и учество и од други градови, создавајќи нови можности за размена на искуства и деловна соработка.
На средбата се дискутираше и за идни проекти меѓу кои:
- Организирање на конференции и обуки за жени претприемачи;
- Креирање регистар на активни жени претприемачи од Битола и регионот;
- Зајакнување на женското вмрежување и регионална соработка.
Претставничките на Советот изразија задоволство од досегашната поддршка и соработката со Општина Битола, потенцирајќи дека заедничкиот ангажман е клучен за креирање поинклузивна и просперитетна деловна средина за жените.
Советот за женско претприемништво продолжува со посветена работа кон поддршка, едукација и промоција на жените во бизнисот, овозможувајќи им алатки и простор за раст, иновации и активно учество во економскиот развој на заедницата.


