(видео)„Спомени од минатиот век“ – вечер во која Искра и Михаил на прилепчании им подарија музика за радост
Вчеравечер, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, љубителите на класичната музика и џезот уживаа во исклучителниот концерт „Спомени од минатиот век“, во изведба на младото пијано дуо Михаил Јагуриноски и Искра Атанасова-Митуш.
Во полното фоаје,, двајцата прекрасни млади музичари приредија вечер исполнета со емоции и совршена музичка комуникација. Нивната интерпретација на делата од Сергеј Рахмањинов и Џорџ Гершвин претставуваше вистинско патување низ два различни, а истовремено блиски музички света – романтичната раскош на Рахмањинов и енергијата, ритамот и слободата на Гершвин.
Концертот покажа дека кога двајца пијанисти дишат како едно, пијаното добива сосема нова димензија. Јагуриноски и Атанасова-Митуш настапија како одлично уиграно дуо, со прецизност, чувство за динамика и исклучителна музикалност, оставајќи впечаток дека секој тон е внимателно обликуван, а секоја музичка мисла природно се надоврзува на следната.
Публиката со внимание ја следеше секоја композиција, наградувајќи ги изведувачите со долг и искрен аплауз. Во интимниот амбиент на фоајето, музиката допре до секој присутен, создавајќи атмосфера која ретко се доживува,. мирна, возвишена и исполнета со искрени емоции.
Особено радува фактот што токму млади македонски музичари се носители на вакви висококвалитетни концертни проекти. Со својата зрелост, сценска сигурност и впечатлива интерпретација, Михаил Јагуриноски и Искра Атанасова-Митуш, потврдија дека припаѓаат на генерацијата уметници од кои домашната музичка сцена има големи очекувања.
„Спомени од минатиот век“ не беше само концерт. Тоа беше вечер во која класиката и џезот се сретнаа во совршена рамнотежа, а публиката доби нешто што не се случува често, вистински рај за ушите.



