|

Кандидати, ветувања и реалност – што навистина можат да остварат – Почна кампањата за локалните избори

Кампањата за локалните избори во Македонија официјално започнаа денес, отворајќи ново поглавје во политичката динамика на општините. Кандидатите за градоначалници и советници веќе ги презентираат своите програми и ветувања, наводно насочени кон подобрување на инфраструктурата, образованието, здравството, животната средина и „животот на граѓаните“.

Но, едно реално прашање се наметнува: што може да се оствари од сето тоа? Истражувањето на граѓанската организација АГТИС, спроведувано во последните три изборни циклуси, покажува дека голем дел од граѓаните не биле консултирани за реалните потреби на заедниците и тие мошне ретко учествувале на состаноци, каде се дискутира за приоритетите и проблемите на локално ниво.

Податоците од последното истражување на АГТИС укажуваат дека околу 72% од граѓаните не веруваат дека кандидатите ќе ги исполнат своите ветувања, бидејќи ветувањата им се нереални или преопширни. Овој процент постојано се зголемува и „раснел“ од 57%, до сегашната состојба. Ова ја потврдува перцепцијата дека многу ветувања се политички маркетинг, а не реални планови за конкретни проекти или поинаку, ветувањата се мамка, а не обврска.

На овие избори учествуваат и независни кандидати за градоначалници, со независни советнички листи, па дури и листи без кандидат за градоначалник, што го проширува изборот за граѓаните и ја зголемува конкуренцијата на локалната политичка сцена. Сепак, аналитичарите нагласуваат дека граѓаните треба да ја проценат реалноста на ветувањата, дали навистина се тие проекти приоритетни, како и постигнувањата и конкретните активности на градоначалниците и партиите, кои биле на власт, за да можат да направат информиран избор.

Зачудуваат малку одговорите на граѓаните околу прашањата дали се тие свесни за манипулативноста на голем број од понудите и дали, сепак, би гласале за такви понуди, затоа што се работи за „омилена партија“.

Имено, АГТИС, во длабинската анализа на анкетите, кои се споредбени (во три изборни локални циклуси), дојде до една проблематична констатација дека 19% од гласачите би гласале за одредена партија, па што и да ветат или направат и понудите не им се важни.
Исто така, 23% од граѓаните не ги занимаат локални теми, туку ја ценат генералната политика на партиите и „националните“ теми. Токму тоа го објаснува однесувањето на партиите битката за општините да ја водат на централно ниво, како партиска борба, а не да се фокусираат на локални прашања. Чудно е дека на локално ниво, партиите, кои се или биле на власт, не говорат, туку „градат“ или ја критикуваат „изградбата“ како ненавремена, „наместена за избори“, „неквалитетна“, „коруптивна“…, додека на централно ниво се одвива идеолошката битка, кој е „издајник“, кој – што ветил за парламентарните избори, кој – што не остварил кога „бил на власт“. Тука партиската диоптрија е владеачка, иако е таа во рамките на 17% од испитаниците, додека поаналитички расположени се 29% од испитаниците, а незаинтересирани се повеќе од 40% од испитаниците. За 14% испитаници овие прашања не се вредни ниту за муабет (потполна незаинтересираност, па дури и разочараност) и тие цинично одбиваат да одговорат, говорејќи дека „нема лек“, „сите се исти“ и сл.

Интересно е дека за овие избори овој процент е знатно помал од порано и „паднал“ од 21%, прво на 19%, па потоа на сегашните 14%. Овој „пад“ може да се толкува дека е резултат на намалениот монопол на главните политички партии, но може да има и меѓународна димензија, што ја надминува рамката на нашето истражување.


Како и да е, добро е да се однесуваме граѓански и пред да го дадеме својот глас, да ги провериме програмите, ветувањата и реалните проекти на кандидатите и партиите, но и да и да се запрашаме кој имал можност да „сработи“ пред изборниот циклус, а кој не. Само со информиран избор и без „терање инает“, граѓаните можат да придонесат за подобри општински власти, кои навистина ги разбираат и реализираат приоритетите на својата заедница. Токму кај тие приоритети, граѓаните ја губат креативноста и предлагаат стереотипи, кои веќе многу пати сме ги чуле. Така, комуналните проекти им се најважни на граѓаните со 44%, следи сопирањето на поскапувања на услугите со 39% и превенција и заштита од пожари со 33%.

Граѓаните професионализацијата на општинската администрација и нивната обука за подобрување на услугите ја ставиле на дното, само со 7% приоритетност. Ако се заме во предвид дека во последните 3 изборни циклуси кандидатите и партиите ниту го споменале ова како приоритет, не чуди што и на граѓаните тоа не им е многу важно. Некој би рекол: „Што слушаш – тоа повторуваш“.

Слични Објави