Презентации на „Бехтел ЕНКА“ во Прилеп и Битола за тендери и локалната соработка

Во рамките на континуираните активности за унапредување на локалниот синџир на снабдување, претставници на Конзорциумот „Бехтел ЕНКА“ ја презентираа платформата за соработка пред вработените во регионалните канцеларии на Стопанската комора на Северна Македонија во Прилеп и Битола. Целта на овие состаноци е да се подобри разбирливоста на принципите на тендерскиот процес на „Бехтел ЕНКА“ и да се зајакне учеството на локалните компании во изградбата на автопатиштата на Коридорите 8 и 10д.

Проектот, кој вклучува изградба на автопатишта со вкупна должина од 111 километри, до денес е реализиран со значително учество на домашни компании, кои според податоците на „Бехтел ЕНКА“ чинат приближно 90% од подизведувачите и 65% од добавувачите. Со овој проект, „Бехтел ЕНКА“ ja потврдува својата посветеност на локалната економија и транспарентноста во процесите на соработка.

Тема на дискусија беа две клучни области:

Промоција на домашните компании – Стопанската комора и претставниците на „Бехтел ЕНКА“ се согласија дека интеграцијата на локалните ресурси и експертиза е од суштинско значење за успешна реализација на проектот.

Процеси на соработка – Во текот на состанокот беа разјаснети процедурите за учество на домашните компании во тендерските процеси и набавките, како и начини за подобрување на комуникацијата и транспарентноста во овие процеси.

„Бехтел ЕНКА“ нагласи дека со завршувањето на експропријацијата ќе се отвори можност за повеќе работни фронтови, што ќе резултира со нови можности за домашните компании. Претставниците на Конзорциумот истакнаа дека се посветени на создавање услови за ефективно вклучување на локалните компании, што ќе има директен позитивен ефект врз локалната економија.

Стопанската комора ја поздравува иницијативата на „Бехтел ЕНКА“, која ќе овозможи зголемено учество на локалните компании, што, пак, ќе донесе значителни економски придобивки. Во текот на следниот период, Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со „Бехтел ЕНКА“, ќе продолжи со организирање на работни состаноци и презентации во регионалните канцеларии на Комората во Штип, Кавадарци и Кичево. Стои во соопштението од Стопанска комора.

Слични Објави