Пожарникарите во Прилеп останаа без вонредна плата – Советот не го изгласа предлогот за парична награда
На денешната 18-та седница на Советот на Општина Прилеп, советничката група на СДСМ поднесе иницијатива за доделување еднократна парична награда во висина од една месечна плата за сите припадници на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Прилеп. Предлогот доаѓа како реакција на вонредните напори и деноноќниот ангажман на противпожарните екипи при справувањето со интензивните пожари што го зафатија прилепскиот регион во изминатиот период.
Од опозициската партија истакнаа дека прилепските пожарникари покажаа исклучителна храброст, пожртвуваност и професионалност на терен, работејќи во екстремно тешки услови за да ги заштитат граѓаните и нивниот имот. Поради тоа, како што наведоа од СДСМ, општината мора соодветно и материјално да го вреднува овој вонреден труд.
Сепак, предлогот не помина во општинската сала откако советниците од владеачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ беа воздржани при гласањето, со што оневозможија иницијативата да биде усвоена.


