„Повик“ – Претстава за борбата на уметникот со современиот свет

На 9 и 10 јули, со почеток во 20 часот, на Сцена 105, во НУЦК„Марко Цепенков“ – Прилеп, ќе биде изведена театарската претстава „Повик“, авторско и режисерско дело на Јован Ристовски, која низ емотивна и симболична приказна ги отвора прашањата за местото на уметникот во современото општество.

Во центарот на дејството е една млада сликарка која се обидува да ја зачува својата автентичност во свет каде што уметноста сè почесто се претвора во производ, нарачка и кич. Нејзината борба не е само професионална, туку и длабоко лична – борба да го сочува сопствениот идентитет, да не го изгуби својот глас и да остане верна на својата интуиција.

Претставата ја истражува тенката линија меѓу личниот интегритет и општествените очекувања, како и конфликтот помеѓу слободното творештво и системите што настојуваат да го обликуваат човекот. Инспирирана од научните трудови на Карл Густав Јунг, „Повик“ навлегува во темите на архетиповите, сенката и личната трансформација, отворајќи прашања за индивидуалниот и колективниот идентитет.

Истовремено, претставата претставува и омаж на жените – нивната сила, мудрост и способност да создаваат, обновуваат и менуваат, испраќајќи порака дека секоја вистинска преродба започнува со храброста гласно да се изговори вистината. Низ целата изведба одекнува силната мисла: „Ние молчиме.“

Костимограф е Марта Дојчиновска

Играат

  • Марија Стефановска – Сликарка
  • Катерина Аневска – Актерка
  • Николе Стефанов – Режисер
  • Маја Андоновска Илијевски – Кустос
  • Наталија Ристеска – Сенка на Сликарката
  • Марија Талеска – Бабар / Мечкар – Сенка на Сликарката

„Повик“ е реализирана во рамките на проектот „Култура за развој“, поддржан од Владата на Швајцарија и имплементиран од Heartefact Fund, со дополнителна поддршка од Германија преку GIZ North Macedonia. Партнер и логистичка поддршка на проектот е НУ Центар за култура – Битола.

Влезот за двете изведби е слободен. Бесплатните билети може да се подигнат на билетарницата на 9 јули од 10:00 до 12:00 часот и од 18:00 до 20:00 часот, како и на 10 јули од 18:00 до 20:00 часот.

Слични Објави