Со доделување на наградите, заокружена „Прочка 2026“
Во просториите на Општина Прилеп денеска беа доделени наградите за најуспешните учесници на карневалот „Прочка 2026“, со што симболично беше заокружено годинешното издание на манифестацијата.
Организаторите упатија благодарност до сите учесници кои со својата креативност, труд и оригинални маски го збогатија карневалот. Како награда за најдобрите маски, беа доделени ваучери за патувања, со кои прилепските карневалски групи ќе имаат можност да учествуваат на карневали низ државата, но и во странство, промовирајќи го Прилеп и неговата традиција.
Посебна благодарност беше упатена и до учениците од основните и средните училишта, како и до сите карневалски групи кои годинава беа дел од карневалското дефиле. Со своето учество тие придонесоа достоинствено да се одбележи јубилејот – 25 години од карневалот „Прочка“.
Според организаторите, годинава бил направен исчекор во враќањето на квалитетот на карневалот. На манифестацијата учествуваа повеќе од 1.000 маскирани учесници од Прилеп и од други градови во Македонија, а беше обновен и интернационалниот карактер со учество на карневалски групи од странство.
На настанот присуствувал и претседателот на Европската асоцијација на карневалски градови, Ларс Алгел, што според организаторите е потврда дека прилепскиот карневал повторно се позиционира на карневалската и туристичката мапа како препознатлив бренд.
За организацијата на карневалот, сместувањето на гостите и придружните активности, Општина Прилеп годинава обезбедила буџет од 1 милион денари.
Организаторите најавуваат дека во иднина ќе продолжат со развој на карневалот како туристичка атракција, со цел да привлече уште поголем број посетители од земјата и од странство.



