Повеќе од 11.000 граѓани ослободени од административна потврда за бесплатна здравствена заштита

Околу 12.000 граѓани кои користат права од системот на социјална заштита повеќе нема да мора да доставуваат потврда за ослободување од партиципација при користење на здравствени услуги. Со поврзувањето на базите на податоци на Министерството за социјална политика, демографија и млади и Фондот за здравствено осигурување, ова административно барање е целосно укинато. Станува збор за 11.943 корисници, кои отсега своето право ќе го остваруваат автоматски, без дополнителни потврди од центрите за социјална работа.

Ова олеснување се однесува на:

  • лица со попреченост, согласно законите за детска и социјална заштита;
  • корисници на гарантирана минимална помош кои се неспособни за работа;
  • корисници на вон-семејна заштита;
  • лица што примаат надоместок за помош и нега од друго лице и немаат друго здравствено осигурување;
  • лица со право на социјална сигурност за стари лица;
  • корисници на посебен додаток.

Од Министерството нагласуваат дека поврзувањето на системите претставува конкретен чекор кон поедноставување на процедурите и унапредување на пристапот до здравствена заштита за најранливите граѓани. „Продолжуваме со дигитализација и институционална соработка со цел унапредување на правата на сите граѓани, со посебно внимание кон ранливите категории“, се наведува во соопштението од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Слични Објави