Потпишан прв меморандум и презентиран проект за граничниот премин „Маркова Нога“
Во Општина Преспа, во присуство на градоначалниците на Преспа, Пустец и Девол, како и амбасадорот на Европската канцеларија во Македонија, Михалис Рокас, беше потпишан првиот меморандум за соработка за Преспанскиот басен, во согласност со европските регулативи.
Целта на овој меморандум е зајакнување на заедничката визија за одржлив развој, заштита на животната средина и зачувување на богатото културно наследство на регионот. Документот служи како основа за подлабока соработка помеѓу општините од Македонија, Албанија и Грција, овозможувајќи подобрување на условите за живот на локалното население.
Со меморандумот се предвидува реализација на активности насочени кон: Одржлив развој и зачувување на биодиверзитетот, Заштита на животната средина и природните ресурси, Афирмација на културното наследство на регионот.
Во рамките на настанот, делегацијата го посети и граничниот премин „Маркова Нога“, каде што беше презентиран основниот проект за негово отворање. Проектот, финансиран од ЕУ и УНДП и имплементиран од УНДП, се смета за стратешки важен чекор за подобра регионална поврзаност и економска афирмација на Преспа.
Со оваа иницијатива, трите соседни држави демонстрираат пример за соработка во насока на европски стандарди и заеднички напори за просперитет на регионот.