Салмонела е причина за труењето на 120 вработени во РЕК Битола
Салмонела е причината за масовното труење со храна кај вработени во РЕК Битола, потврди Центарот за јавно здравје по спроведените анализи во соработка со Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна.
Станува збор за случај кој се случил на 24 март, кога околу 120 вработени побарале лекарска помош поради стомачни тегоби, откако консумирале оброк – лазањи со сос – подготвен во кујната на комбинатот.
Според директорката на Заводот за јавно здравје, Светлана Поповска-Кљусева, клиничката слика и лабораториските наоди упатуваат на појава на салмонелоза.
„Причинител најверојатно е бактеријата салмонела, која е изолирана кај пациентите и која, согласно прописите за безбедност на храната, не смее да биде присутна во прехранбените производи“, информира Поповска-Кљусева.
Кај еден од заболените е утврдено и присуство на стафилококна бактерија.
Заболените се вработени во Рудникот, каде храната била дистрибуирана како спакуван оброк и консумирана со временско одложување. Надлежните посочуваат дека салмонелата брзо се размножува на собна температура, што може да биде клучен фактор во овој случај.
За разлика од нив, не се регистрирани случаи на труење кај вработените во Термоелектраната, каде храната се консумирала веднаш по подготовката и во контролирани услови.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата за утврдување на точниот извор и одговорноста за инцидентот.


