„Зимската приказна“ ќе ја заживее Старата битолска чаршија

Од денес започна новогодишното украсување на Битола, кое оваа година ќе опфати повеќе локации во централното градско подрачје. Украсувањето ќе започне од Офицерскиот дом, продолжувајќи низ Широк Сокак, Плоштадот Магнолија и Старата битолска чаршија. Годинашните украси ќе внесат нови елементи кои ќе го збогатат изгледот на градот и ќе создадат посебна новогодишна атмосфера. Комплетното украсување на Битола се очекува да биде завршено до 10 декември.

Локалната самоуправа годинава планира неколку новитети кои ќе ја збогатат празничната радост на битолчани. Од 20 декември до 6 јануари, новогодишната магија ќе продолжи со програмата на манифестацијата „Зимска приказна“, која општината ја организира четврти пат. Оваа манифестација има за цел да го поттикне културниот туризам и да создаде единствена празнична атмосфера во Битола.

Традиционалните куќички со пијалоци, храна и сувенири ќе бидат поставени кај Офицерскиот дом, додека празничниот базар ќе понуди рачно изработени производи, локални деликатеси и сувенири. Секој ден ќе биде исполнет со концерти на локални и регионални бендови, како и детски претстави за најмладата публика.

„Зимската приказна“ ќе ја оживее Старата битолска чаршија, каде што ќе се спојат историјата и современоста преку уметнички и културни настани, изведби на улични уметници, промоција на традицијата и гастрономијата. Истовремено, културни содржини ќе бидат присутни и низ Широк Сокак.

Со завршувањето на подготовките, Битола ќе добие посебен предновогодишен блесок, кој ќе им овозможи на граѓаните да уживаат во празничната атмосфера.

Слични Објави