Исплатен дел од наследениот долг од 5 милиони евра, реконструирани 80.000 м² улици и патишта, бесплатен превоз за пензионери,…
Денес, градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески го презентираше тригодишно работење, истакнувајќи го следното. Исплатен голем дел од наследениот долг од 5 милиони евра, поставувајќи основа за нови инвестиции. Реконструирани 80.000 м² улици и патишта, изградени нов кружен тек и катна гаража, како и значајни вложувања во водоводната и канализациската мрежа. Во делот на образование, инвестирани над 60 милиони денари во училишта, воведени бесплатни оброци за ученици и доделени стипендии за најдобрите студенти. Додека во делот на животна средина се засадени 5.000 дрвја, исчистени депонии и покрената изградба на фабрика за рециклирање. А во делот на социјалата обезбедн бесплатен превоз за пензионери, финансиска помош за новороденчиња и изградба на нова детска градинка со капацитет за 250 деца.
Во продолжение говорот и изјавата од градоначалникот.
„Со целосна транспарентност, одговорност и посветеност, успеавме да го стабилизираме финансиското работење на општината, да реализираме клучни проекти од јавен интерес и значително да го подобриме секојдневието на нашите сограѓани.`
На почетокот на нашиот мандат, наследивме обврски од 292.562.164 денари, или околу 5 милиони евра. Со добро менаџирање и рационално користење на ресурсите, успеавме речиси целосно да ги исплатиме овие обврски. Тоа ни овозможи да воспоставиме стабилна финансиска конструкција, со која обезбедивме основа за континуиран развој и подобрување на услугите за сите наши граѓани.
Во делот на инфраструктурата, ја спроведовме најобемната реконструкција на патната мрежа во изминатите децении. Рехабилитиравме над 80.000 квадратни метри улици и патишта во градот за што издвоивме 120 милиони денари.
Продолживме и оваа година и асфалтиравме улици и изградивме нови патишта во 15 населени места, што беше долгогодишна потреба на локалното население. Особено сме горди што успеавме да реконструираме улици кои не беа обновувани повеќе од 30 години.
Комплетно ја реконструиравме пешачката улица Борка Талески која што е дел од плоштадот Методија Андонов Ченто со површина од 3500м2, инвестиција од 25 милиони денари.
Во областа на образованието, направивме сериозни инвестиции за подобрување на условите за учење на нашите деца. Инвестиравме над 60 милиони денари за реконструкција и модернизација на училиштата. Реконструиравме училници, спортски сали и тоалети, поставивме смарт табли, набавивме компјутери и телевизори, а во многу училишта извршивме адаптација на неискористени простории. Покрај тоа, хортикултурно ги уредивме дворовите, со цел да создадеме пријатна средина за нашите ученици.
За прв пат во општина Прилеп, воведовме бесплатни оброци за учениците од прво и второ одделение, за што издвоивме околу 8 милиони денари од буџетот на општината.
Обезбедивме и стипендии за 20 најдобри студенти, како и за социјално ранливи категории студенти. Исто така, доделивме вредносни ваучери за ученици и наставници кои постигнаа успеси на државно и меѓународно ниво.
Еден од нашите приоритети беше заштитата на животната средина. Засадивме над 5.000 садници, спроведовме чистење на речните корита, депониите и градските зелени површини, и набавивме специјални комунални возила за ефикасно одржување на јавните простори. Благодарение на поддршката од нашите пратеници, обезбедивме 90 милиони денари за изградба на фабрика за рециклирање на отпад, проект што ќе ја заштити животната средина, ќе создаде нови работни места и ќе го поттикне развојот на зелената економија, во моментов во тек е јавната набавка и за скоро почнуваме со изградба.
Во делот на водоснабдувањето, реконструиравме 2.540 метри водоводна мрежа и изградивме нови канализациски линии. Инвестировме во SCADA систем за мониторинг, што овозможува 24-часовна контрола на водоснабдувањето во целата општина. Еден од најзначајните проекти беше изградбата на водоводна линија до манастирскиот комплекс „Трескавец“, за што обезбедивме 3 милиони денари, како и изградбата на нови хидротехнички објекти во Канатларци со што изградивме нова водоводна мрежа со инвестиција од 18 милиони денари.
За прв пат во општина Прилеп воведовме и исплаќаме еднократна парична помош за секое новороденче во нашата општина во висина од 6000 денари.
Во социјалниот сектор, воведовме бесплатен јавен превоз за околу 1.000 пензионери со ниски примања, а преку проектот „Помош и нега во домот“ се грижиме за 150 лица од третата доба. Обезбедивме нова опрема и фотоволтаични системи за Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, со што значително ги подобривме условите за живот на највозрасните граѓани.
За нашите најмлади и најмили, ја завршивме изградбата на новата детска градинка во населбата Точила, со капацитет за 250 деца, капитален проект кој беше делумно започнат имаше многу недостатоци кои што ги решивме и морам да истакнам станува збор за проект кој што беше целосно финансиран од буџетот на Општина Прилеп со вкупна вредност од 133 милиони денари.
Изградивме и мултифункционално игралиште во ООУ Добре Јованоски и ново инклузивно детско игралиште во паркот на Могилата.
Во моментов во завршна фаза е изградбата на новата спортска сала во ООУ „Блаже Конески“ со што решаваме децениски проблем и докажуваме дека продолжуваме да инвестираме во спортот и образованието.
Во центарот на градот на раскрсницата кај Домот на култура Марко Цепенков изградивме нов кружен тек за подобрување на сообраќајот и поголема безбедност на нашите сограѓани а исто така сме во завршна фаза на изградба на нова катна гаража на паркинг просторот зад Леоне во центарот на Прилеп со што го решаваме големиот недостаток на паркинг места за нашите сограѓани во централното градско подрачје.
Овие проекти се од суштинско значење за подобрување на урбаната мобилност и создавање на функционални јавни простори.
Со поддршката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, преку повикот на Министерството за Локална самоуправа продолжуваме со изградба на капитални проекти кои ќе донесат долгорочен напредок на нашата општина. Веќе со крајот на оваа година започнуваме со изградба на 3 капитални проекти за кои што имаме добиено средства а тоа се изградбата на Кружен тек на мостот Табана, Изградба на улица Победа и рекоснтрукција на водоводни линии во централното градско подрачје.
Работиме со целосна посветеност, во интерес на сите наши сограѓани, за достоинствен живот и подобра иднина на сите. Прилеп со оваа локална власт е на вистинскиот пат и ќе продолжиме заедно поддршката од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, да реализираме конкретни и капитални проекти со кои ќе ги подобриме условите за живот во заедницата како за сегашните така и за идните генерации.“ истакна градоначалникот Јовчески