Покачување од 40 отсто за околу 11.000 административци до 2028 година
Владата и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) постигнаа договор за зголемување на платите на околу 11.000 вработени во државната администрација, судовите и обвинителствата. Како што беше соопштено по денешната средба и на прес-конференција во Владата, платите на овие вработени ќе се зголемат за околу 40 отсто до 2028 година.
Според пресметките, за реализација на договорот ќе бидат потребни дополнителни над 10 милиони евра годишно во државниот буџет во следните три години. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека средствата ќе се обезбедат преку реорганизација и редефинирање на буџетските приоритети, без зголемување на даноците, со засилена фискална дисциплина и намалување на сивата економија.
„Тоа што го кажуваме ќе го испорачаме. Но, очекуваме и подобрување на ефикасноста и квалитетот на услугите што администрацијата им ги дава на граѓаните и на бизнисот. Тоа лично ќе го следам и мерам на месечно ниво“, изјави Мицкоски.
Тој оцени дека станува збор за историски чекор, нагласувајќи дека досега немало ваков системски план за постепено и усогласено зголемување на платите во јавниот сектор, и тоа во услови на глобални и внатрешни економски предизвици.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски, изјави дека договорот е резултат на година и пол интензивни преговори со Владата.
„По една и пол година преговори и барања од страна на синдикатот, постигнавме договор со Владата. За околу 11.000 вработени ќе се потпишуваат годишни, односно поединечни колективни договори, со што конечно ќе се воспостави јасна методологија за покачување на платите во управата и правосудството“, рече Деановски.
Мицкоски најави и дека Владата е подготвена да започне разговори за нов општ колективен договор, откако постојниот е истечен, кој би бил единствена основа за исплата на платите. Според него, ваквото решение треба да претставува „вин-вин“ комбинација за работниците, институциите и граѓаните.
На средбата со Владата присуствуваа и претставници на други синдикати, кои оценија дека договорот претставува значајна и историска придобивка за вработените во државната администрација.



