Сообраќајот на државните патишта во зимски услови – активна зимска опрема до 15 март
Сообраќајот на државните патишта низ Македонија се одвива во зимски услови, по наместа по влажни коловози. Од 15 ноември 2025 до 15 март 2026 година важи законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во сите возила, без разлика на моменталните временски услови.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат на внимателно возење, прилагодена брзина и строго почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлини, речни долини и клисури каде постои зголемен ризик од одрони. Како критични делници се посочуваат:
- Катланово – Велес
- Маврово – Дебар – Струга
- Виница – Берово
- Кочани – Делчево
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е целосно затворен за сообраќај од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година.
Измени на режимот на сообраќај поради градежни активности
Поради интензивни градежни работи на повеќе патни правци, во сила се следните временски режими на сообраќај:
Коридор 10 – делница Прилеп–Битола
Од 30 декември 2025 година, сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат Р1101.
Дополнително, како дел од проектот Коридор 10Д, движењето на возилата е пренасочено на делницата од клучка Лагово до Тополчани по регионалниот пат Прилеп – Битола.
Скопска обиколница (државен пат А2)
Во тек е рехабилитација на делница во должина од 250 метри од клучка Волково до клучка Кондово.
Затворена е левата лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната и десната лента.
Крива Паланка – Страцин (експресен пат А2)
На км 14+200 кај селото Петралица, поради градежни активности, од 07:00 до 17:00 часот сообраќајот се регулира рачно, а во вечерните часови со семафори.
Регионален пат Косоврасти – Мелнички Мост
Поради санација на свлечиште, од 12 септември 2025 година е воведен времен режим на сообраќај.
Мост Здуње – Гостивар – Стража (државен пат А2)
Поради санација на мостот на реката Вардар, од 1 септември 2025 година е воведен времен режим со семафоризација и наизменично пропуштање на возилата, во период од шест месеци.



