Кривогаштани започнува со селекција на отпадна пластика во домаќинствата
Жителите добиваат бесплатни канти и упатства за правилно селектирање на пластичниот отпад
КРИВОГАШТАНИ – Во Општина Кривогаштани започна првата фаза од селекцијата на отпадна пластика во домаќинствата, со цел унапредување на управувањето со отпадот и создавање почиста животна средина.
Градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, го склучи првиот договор за селекција на отпадна пластика во ЈП „Пелагонија“, во присуство на претставници на SALAR International. Во иницијативата доброволно се вклучија и жители од улицата „Филип Втори“, со што започна реализацијата на првата фаза од проектот.
Со склучувањето на договорите, домаќинствата добиваат бесплатни канти за собирање отпадна пластика, како и флаери со упатства за правилно селектирање на отпадот.
Активноста претставува дел од воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион, кој ја опфаќа и идната регионална депонија во Новаци. По обезбедувањето ново возило за потребите на ЈП „Пелагонија“, продолжуваат активностите за воведување на селекцијата во домаќинствата.
Каравилоски упати благодарност до SALAR International за поддршката, до вработените во ЈП „Пелагонија“ и до граѓаните кои доброволно се приклучија кон иницијативата.
Од Општината очекуваат со личен пример и со вклучување на што поголем број домаќинства да се поттикнат нови навики за правилно управување со отпадот.


