По 150.000 денари итна помош за секој настрадан
Од понеделник, за секој настрадан во трагичниот пожар во Кочани, ќе биде исплатена итна финансиска помош во износ од 150.000 денари, која ќе се реализира преку Црвениот крст, потврди денеска директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски. Помошта е во рамки на мерките кои Владата ги презема за поддршка на семејствата на жртвите.
„Црвениот крст досега собра повеќе од 800.000 евра наменети за семејствата на пациентите од несреќата во дискотеката во Кочани. Од понеделник започнуваме со исплата на средствата, откако ќе бидат собрани сите потребни трансакциски сметки и согласности од лицата кои се во странство,“ изјави Томовски на денешната прес-конференција.
Томовски истакна дека Владата ќе покрие и трошоци за две лица кои ќе бидат придружба на повредените пациенти. Посебно внимание се посветува на тие кои се испратени на лекување во странство.
„Се преземаат итни мерки за целосна поддршка на сите засегнати од оваа трагедија. СОЗР и другите институции обезбедуваат целокупна логистика за сместување и транспорт на настраданите и нивните семејства,“ додаде Томовски.