|

3 ЈУЛИ ОТВОРАЊЕ НА БИТ ФЕСТ СО „СИМФОНИЈА НА ЅВЕЗДИТЕ“

Со голем музички спектакл, насловен „The stars symphony“ („Симфонија на ѕвездите“), на Стадионот „Петар Милошевски“ на 3 јули ќе биде отворено 16 издание на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека отворањето на фестивалот, го најавува и квалитативниот концепт на овогодишното издание на БИТ ФЕСТ.

„Настанот на отворањето на БИТ ФЕСТ го организираме во соработка со Камерниот оркестар на Битола ⋮IWConnect и програмскиот дел всушност ќе започне со содржини за најмладите, односно мини олимпијада, по чие што завршување ќе следува загревање на атмосверата со настап на ДЏ и, до официјалното отворање во 21:00 часот и настапот на главните ѕвезди на вечерта.

Морам да напоменам дека овој настан е најава на тоа што ќе следува, односно културно лето во кое главниот акцент ќе биде ставен на квалитетна културна понуда. Тоа значи дека овој БИТ ФЕСТ оставаме место за традиционалните манифестации како Битола Шекспир фестивал, Илинденски денови и други настани, но ќе дадеме простор и за нови настани и манифестации, кои ќе бидат во согласност со утврдените критериуми за квалитет.

Со оглед на изборниот период во кој се наоѓавме, досега не можевме да објавиме јавен повик за доставување на понуди за културни настани, но кога официјално ќе бидат завршени правните процедури во овој дел, ќе следува и јавната објава, која ќе се однесува на настани кои ќе се реализираат од 01 до 31 август.

На тој начин, ќе овозможиме навистина добра и квалитетна културна понуда, која верувам ќе ја зголеми туристичката посета на Битола, што е значајно и од економски аспект, а истовремено ќе понуди културни содржини во кои ќе уживаат нашите граѓани“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Владимир Димовски, како дел од организацискиот тим, задолжен за музичкиот дел, нагласи дека очекува незаборавен настан на отворањето на Битолското културно лето.

„Лично, не паметам кога последен пат имало концерт на стадион во Битола. Овој настан ќе биде првиот од ваков вид и ќе го отвори патот за идни музички и културни манифестации од светски ранг. Нашата цел е да ги поместиме границите за организирање настани во нашиот град и да покажеме дека Битола може да биде домаќин на спектакуларни случувања на светско ниво.

Неодамнешниот концерт во спортската сала беше јасен показател дека нашиот народ сака ваков вид на настани. Имаше присутни од сите околни градови, што ни даде дополнителна мотивација и инспирација за организирање на концерт на стадион кој ќе биде поголем и ќе донесе народ од сите градови од Македонија.

Составот на артистите кои ќе настапуваат е разновиден. Ќе имаме чест да ги гледаме и слушаме Констракта, Каролина, Суперхикс, Паркети, Brass Brothers и многу други локални ѕвезди. Секој од нив ќе донесе уникатна енергија и музика, создавајќи вечер која ќе остане запаметена долго време.

Заедно со Општина Битола, работиме неуморно за да осигураме дека секој аспект од концертот е подготвен речиси совршено. Техничката опрема, сцената, осветлувањето, и звукот ќе бидат на највисоко ниво, за да и овозможиме на публиката извонредно искуство. Исто така, посебно сме горди што овој концерт ќе биде дел од отворањето на Битолското културно лето – Битфест, што го прави овој настан уште поинтересен и значаен. А за првпат досега, ќе направиме забава и за најмалата публика пред настанот, преку игра и музика, односно мини олимпијада која ќе биде организирана во соработка со IWConnect. Во следните денови ќе следи информација за продажбата на билетите, како и за целосната програма на двата настани.

Ве покануваме сите да бидете дел од овој спектакуларен настан на 3 јули. Заедно ќе создадеме моменти кои ќе ги славиме и за кои ќе зборуваме уште долго“, изјави Владимир Димовски, Камерен Оркестар на Битола ⋮IWConnect.

Слични Објави