Обилните дождови донесоа штети во Преспа, но и зрак надеж за Преспанското Езеро

Обилните врнежи од дожд кои во изминатите два месеца предизвикаа големи штети во Преспанскиот регион, поплавувајќи куќи, магацини, дворови и овоштарници, од друга страна донесоа и позитивни вести за Преспанското Езеро.



Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на Преспанското Езеро бележи значително зголемување по дождовите што паднаа од ноември 2025 година до почетокот на јануари 2026 година. Во овој период, водостојот пораснал за вкупно 48 сантиметри.

Мерењата на хидролошката станица во Наколец покажуваат дека на 8 јануари 2026 година нивото на езерото изнесувало 841,36 метри надморска височина, додека на 7 ноември 2025 година било 840,88 метри. Само во првиот бран дождови, во периодот од 7 ноември до 2 декември, водостојот се зголемил за 27 сантиметри, а од почетокот на декември до јануари за дополнителни 21 сантиметар.

Преспанското Езеро со децении се соочува со сериозен и континуиран пад на водостојот. Историскиот максимум бил достигнат во 1963 година, кога нивото изнесувало 851,83 метри надморска височина. Оттогаш, под влијание на климатските промени, понирањето на водата и прекумерното и неконтролирано користење на водните ресурси, езерото постепено го губи својот волумен.

Иако научните анализи за иднината на Преспанското Езеро со години беа претежно песимистички, најновиот пораст на водостојот, иако сè уште далеку од посакуваното и еколошки стабилно ниво, по подолго време внесува умерен оптимизам. Преспанското Езеро, како споменик на природата и едно од најстарите тектонски езера во светот, останува од исклучително значење за биолошката разновидност и природното наследство на регионот.

Слични Објави