Од превенција до терапија: ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп во борба против зависностите од коцкање

ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп ја информира јавноста дека во рамките на Невропсихијатриското одделение и Кабинетот за медицинска психологија активно функционира Советувалиште за зависност од коцкање, игри на среќа и интернет.



Станува збор за една од ретките форми на организирана и стручна поддршка од ваков тип во државата и поширокиот регион, воспоставена по примерот на Психијатриската клиника „Јанкомир“ од Загреб.

Советувалиштето е отворено пред две години и нуди дискретна, стручна помош преку кратка динамичка терапија за лица кои се соочуваат со последици од зависничко однесување поврзано со коцкање, игри на среќа и прекумерна употреба на интернет.

Сериозен предизвик и на локално ниво

Според стручниот тим, зависноста од коцкање претставува сè поизразен проблем и во Прилеп, при што се засегнати лица од различна возраст и социјална структура. Токму затоа, покрај третманот, особено внимание се посветува на превенција, рана детекција и едукација.

Во рамките на редовните активности, Советувалиштето во соработка со средните училишта реализира превентивни работилници и обуки за волонтери – ученици и наставен кадар.

Една од последните активности беше спроведена во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, училиште кое образува и медицински кадар. Работилницата ја реализираа Јован Велески и котерапевтот Петре Стеваноски, во соработка со училишниот психолог и педагог.

Апел за навремена реакција

Од болницата апелираат граѓаните навремено да побараат стручна помош при појава на проблеми поврзани со зависност од коцкање, игри на среќа и интернет, нагласувајќи дека раната интервенција значително ги зголемува шансите за успешно надминување на проблемот.

Термини и контакт

Советувалиштето работи секој вторник и среда од 15:30 часот, во амбулантата на Невропсихијатриското одделение, со целосна дискреција.

📞 За закажување преглед, граѓаните можат да се јават на телефон: 078 243 501.

Слични Објави