Нема воз за Битола денес – вчеравечер избувнал пожар во возот кој сообраќал кон Куманово
Железничкиот сообраќај на релацијата Скопје – Битола денеска е целосно прекинат, откако синоќа избувнал пожар во возот број 641 кој сообраќал кон Куманово.
Од Железници на Македонија информираат дека поради настанатиот дефект и неможноста да се обезбеди алтернативна композиција, откажани се сите редовни линии кон Битола за денешниот ден.
Според возниот ред, секојдневно се реализираат три линии од Скопје кон Битола – во 07:06 часот, во 14:30 и во 20:05 часот. Сепак, поради пожарот, утринската линија не сообраќала, а во текот на денот се откажани и преостанатите две линии.
Неофицијално, железницата располага со уште една композиција која би можела да се користи како алтернативно решение, но таа во моментот е неисправна и нема доволно стручни лица кои би можеле да ја оспособат за сообраќај.
Од железницата засега не соопштуваат кога повторно ќе се нормализира сообраќајот на оваа линија.



