|

Битола и Бејликдузу од Турција официјално побратимени

Општините Битола и Бејликдузу од Турција официјално го потпишаа протоколот за побратимување, што ќе отвори нови можности за соработка во социјалните, економските и културните области. Протоколот беше потпишан во турскиот град Бејликдузу од страна на градоначалниците на двата града, Тони Коњановски и Мехмет Мурат Чалик.

Овој чекор има за цел да зајакне врските помеѓу Македонија и Турција, кои се поткрепени со долгогодишна историска и културна поврзаност. Протоколот за побратимување ќе отвори нови перспективи за размена на искуства и заеднички проекти кои ќе ја развијат соработката помеѓу двата града.

Потпишувањето на овој договор е значаен момент за двете општини, кои ќе работат на унапредување на партнерството во области како што се образованието, економијата, културата и туризмот.

„Најубавата песна за Битола е напишана од жител на градот, Турчин по националност, кој во 1956 година се иселил во Турција, но никогаш не го заборавил својот роден град и луѓето кои ги сакал и почитувал. Песната “Битола мој роден крај“ ја напишал на македонски јазик со што оставил вечна врска со жителите на градот и Македонија и станал нераскинлив дел од историјата на овој град!

Почитуваниот Ајри Демировски, е прогласен и за почесен граѓанин на Битола.

Преку културата и традицијата, доаѓаме и до новото време, во кое со почит се грижиме за историските споменици, но истовремено ги зајакнуваме и нашите врски, ја зголемуваме соработката и создаваме нови можности за развој и напредок.

Општина Битола, веќе има воспоставено соработка со Бурса од Турција, стопанските комори од двете земји, развиваат добри односи, а минатата година, потпишавме и протокол за соработка помеѓу зоните „Жабени“ и „Тире“ што значи зајакнување на деловните односи помеѓу зоните, како и промовирање, проширување и подобрување на економската соработка преку трговија и инвестиции меѓу соодветните деловни заедници.

Од неодамна, ја имаме и првата инвестиција од Измир, односно Турската компанија за производство на лифтови „ARLIFT“, која заедно со бизнис партнери од Битола, одлучи да инвестира во Индустриската зона „Жабени“ во Битола.

Денес, започнуваме уште едно ново и важно поглавје, како за соработката помеѓу двете земји, така и за идните планови за двата градови, Битола и Бејликдузу. Верувам, дека, како што стои и во самиот протокол за побратимени градови, дека нашето збратимување ќе резултира со развивање на соработката во социјалните, економските и културните области“, рече во своето обраќање, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Двете страни се согласија да развијат соработка: помеѓу административните институции, во областа на лесната индустрија, инфраструктурата и земјоделството, културата, образованието, здравството и други социјални проекти, во туристичките активности, обновливите извори на енергија и стратегиите за намалување на јаглеродот, циркуларната економија, одржливата технолошка трансформација и развојот на урбаните економии.

Соработката меѓу двете општини ќе ги вклучува следниве активности: споделување искуства и обезбедување обуки и можности за пракса на вработените, доколку е потребно, подготовка и имплементација на заеднички план за соработка, поттикнување на учеството на локалните компании, институции и невладини организации во процесите на соработка.

Свечениот дел од настанот, кој следуваше по церемонијата на потпишување на протоколот, беше исполнет со културно – уметничка програма и Концерт на ансамблот за народна музика „Beylikdüzü“ во рамките на кој, беа изведени: „Манастирска балада“и Македонските народни песни: „Јовано, Јованке“ и „Вардарска рамнина“.

Слични Објави